„Ќе нѐ биде“: Мицкоски од Будимпешта се враќа како уште поголем оптимист отколку од Берлин

Мицкоски се сретна со францускиот претседател Макрон. А потоа изјави дека „ќе продолжиме да се бориме за Македонија, и во неделите, месеците, годините коишто ни следат“


Емануел Макрон и Христијан Мицкоски во Будимпешта

 

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека по Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, е уште поголем оптимист за европската иднина на Македонија. Тој оптимизам премиерот го гради по повеќе средби на маргините на собирот, од која посебно ја истакна онаа со францускиот претседател Емануел Макрон.

На својот Фејсбук профил Мицкоски објави фотографии од средбата со Макрон, кои беа во придружба на повеќечлени делагации.

„На маргините на настанот на Европската политичка заедница во Будимпешта остварив продуктивна средба со францускиот претседател, Емануел Макрон.

Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива.

Ќе дадеме сѐ од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“, напиша Мицкоски.

На официјалната страница на францускиот претседател нема информација за оваа средба на маргините (што не е невообичаено), но го има текстот на заедничката декларација за поддршка на Молдавија. Во декларацијата се вели: „Ние, лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Романија, Обединетото Кралство, придружувани од претседателот на Европскиот совет и од претседателката на Европската комисија, ја повторуваме нашата непоколеблива поддршка за Молдавија по состанокот на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта со претседателката Маја Санду.

Го пофалуваме народот на Молдавија за неговата посветеност на демократијата, слободата и владеењето на правото како што се покажа со успешната организација на слободни и фер претседателски избори, на кои претседателката Маја Санду беше реизбрана за втор мандат.

Ние, исто така, го поздравуваме резултатот од референдумот со кој се запишува пристапот во ЕУ во основниот закон на Молдавија. Ние стоиме обединети со Молдавија во нејзината потрага по мир, просперитет и стабилност и го потврдуваме нејзиното вистинско место во слободна и демократска Европа“.

Мицкоски по средбата со Макрон даде и изјава во која рече дека во Будимпешта имал многу работни средби со европските државници. „По овој состанок на Европската политичка заедница овде во Будимпешта јас сум уште повеќе оптимист дека мора да нѐ биде и ќе нѐ биде“.

Макрон и Мицкоски беа придружувани со повеќечлени делегации

Во изјавата тој рече:

„Во текот на денот имавме многу билатерални средби, ги презентиравме нашите аргументи, како ја гледаме нашата економска иднина онаа којашто е важна, нашите економски цели, начинот на којшто планираме да ја развиваме нашата Македонија, но истовремено и да ги презентираме нашите погледи и аргументи за нашиот евроинтегративен пат. Со секоја средба сѐ повеќе и повеќе се бориме за нашите аргументи и за вистината онаква каква што е. Онаа вистина којашто ја чувствуваат нашите граѓани и којашто е важна за нашата Македонија. Ќе продолжиме да се бориме за Македонија, и во неделите, месеците, годините коишто ни следат. Мора да успееме. Мора да бидеме таму кадешто заслужуваме, а тоа е успешна европска приказна, а нашето место е во рамките на Европската унија. По овој состанок на Европската политичка заедница овде во Будимпешта јас сум уште повеќе оптимист дека мора да нѐ биде и ќе нѐ биде“.

Во исто време на официјалната страница на бугарскиот претседател, Румен Радев, кој ја претставуваше Софија на собирот во Будимпешта, ги повторува истите ставови за исполнувањето на договореното, иако не ја споменува директно Македонија. Во своето обраќање на собирот, Радев, меѓу другото, вели:

„Динамичните процеси во светот бараат зголемено внимание од ЕУ кон процесот на проширување. Проширувањето на Обединета Европа е фактор за гарантирање на безбедноста и стабилноста во соседните региони и особено на Западен Балкан, но овој процес мора да се заснова на строго исполнување на критериумите за членство, имајќи ги предвид сопствените заслуги на земјите кои бараат влез во ЕУ, изградбата на добрососедски односи и исполнувањето на сите меѓународни обврски и одлуки на Унијата“.

Денеска, за време на сослушувањето во Европскиот парламент, новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, рече: „Очекуваме земјата кандидат Северна Македонија да го промени Уставот како што вети, ништо повеќе и ништо помалку“.

Кос истакна дека уставните измени се обврска за земјава наведена и во овогодишниот извештај за напредокот, додавајќи дека во процесот на пристапување на ЕУ мора да се почитуваат владеењето на правото, човековите права и правата на припадниците на малцинствата. Таа додаде дека ќе работи за брзо решавање на споровите меѓу земјите кандидатки и членките на ЕУ. „Кога станува збор за билтерализацијата нормално е дека приоритет ќе имаат интересите на членките на блокот, но јас и моите колеги ќе работиме да не се увезуваат билатералните прашања во процесот на проширување“. (Н.В.)