Ќе му успее ли на Заев коалиција каква што не му успеа на Црвенковски?


Две и пол седмици пред рокот за доставување на кандидатските листи за пратеници во ДИК, СДСМ е во обид да ја прошири  коалицијата  со партии од албанскиот блок.

Можното коалицирање на СДСМ со некогаш ривалската ДПА и со опозициската Беса, или барем со една од овие партии би значело прва етнички-мешана коалиција на парламентарни избори. Но ова нема да биде политичка револуција во вистинска смисла на зборот, затоа што СДСМ веќе ги направи пионерските чекори на тој план во двата последни изборни циклуси во земјава, на локалните избори во 2017 година и на претседателските минатата година, кога за партнер ја имаше ДУИ, со која коалицира во владата. Но, сепак, ќе биде ситуација каква што досега немало во македонската политика.

ДУИ сега најавува самостоен изборен настап, додека СДСМ  планира проширување на коалицијата со други партии од албанскиот блок. Од партијата исто така велат дека на кандидатските листи за пратеници и овој пат ќе има кандидати Албанци од редовите на СДСМ, како и на изборите во 2016 година. Карактеристично за овие избори беше тоа што СДСМ освои неочекувано голем број гласови од избирачи Албанци, така што партискиот лидер Зоран Заев изјави викендов дека СДСМ прерасна во мултиетничка партија.

Заев најави дека до 9 март, односно пред партискиот предизборен конгрес, ќе се знае дали во коалицијата на СДСМ ќе влезат партии од албанскиот блок, за што веќе се водат разговори.   За време на викендот заседаваше Централното претседателство на ДПА. Пред почетокот на состанокот, партискиот лидер Мендух Тачи изјави дека ДПА засега преговара единствено со НДП на Весел Мемеди за евентуална соработка на изборите, но дека нема дијалог со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ.

И од Беса тврдат дека засега нема разговори за коалицирање ниту со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, иако пред извесно време партискиот претседател Билал Касами изрази подготвеност за соработка со социјалдемократите на изборите, доколку, како што рече, има добра понуда. Во меѓувреме, единствено е официјализирана коалицијата меѓу Алијансата на Албанците и Алтернатива, откако Беса одби да партиципира во овој сојуз кој требаше да претставува трипартитна противтежа за ДУИ.

Беса, односно крилото на Касами, сите три години од формирањето на партијата ги помина во опозиција, за разлика од крилото на Африм Гаши (кое прерасна во нова партија – Алтернатива) кое во мај 2018 година стана дел од владата на СДСМ. Истотовремено, и ДПА влезе во владата на СДСМ, и покрај искричењата што Заев и Тачи ги имаа во минатото.

Летото минатата година, додека Заев на прес-конференција во владата, го презентираше првиот предлог на законот за јавно обвинителство, Касами беше на средба во еден ресторан во центарот на Скопје со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски . Оттогаш почнаа да се подгреваат очекувањата за можна коалиција меѓу Беса и ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, по неодамнешното донесување на Законот за јавно обвинителство, со 80 гласа, се засилија проценките дека ВМРО-ДПМНЕ, поради своите политики во овие три години, вклучително со односот кон  Преспанскиот договор, нема солиден потенцијал за коалицирање на изборите со партии од албанскиот камп.

Ова не е прв обид на СДСМ да оствари партнерство со ДПА. На претходникот на Заев на чело на СДСМ – Бранко Црвенковски не му успеа еден таков обид во 2012 година, кога проба да ја  формира првата „македонско-албанска“ коалиција за локалните избори што се одржаа една година подоцна.

Летото пред осум години, мошне изненадувачка беше најавата за средба  на тогашните опозиционери Црвенковски и Тачи на бензинската пумпа „Петрол компани“ на автопатот Скопје – Тетово, по долгогодишни ривалство и анимозитети меѓу партиите штои тие двајцата ги предводеа. Средбата, всушност, се случи на четиригодишнината од раскинувањето на  т.н. традиционално партнерство на ДПА со ВМРО-ДПМНЕ, која во меѓувреме склучи партнерство со ДУИ врз принципот „победник со победник“, по првите предвремени парламентарни избори во 2008 година.

Договорот за соработка што тогаш го постигнаа Црвенковски и Тачи траеше само неколку месеци. Есента 2012 година, ДПА донесе одлука за самостоен изборен настап на локалните избори, со изговор дека социјалдемократите сакале да номинираат свој кандидат (етнички Македонец) за градоначалник на Кичево. Локалните избори, пак, што се одржаа пролетта 2013 година, по „црниот понеделник“ во парламентот, на 24 декември 2012 година и премислувањата во СДСМ дали да ги бојкотира изборите, практично, го одредија понатамошниот курс на левичарската партија, со оглед на тоа што ја навестија смената на партиското кормило – односно повлекувањето на Црвенковски и доаѓањето на Заев.

Сепак, и на Заев му беа потребни безмалку пет години за, од позиција на власт, да го постигне  она што не му успеа на опозиционерот Црвенковски во 2012 година. На последните локални избори, СДСМ и ДУИ настапија со заеднички кандидати за градоначалници во општините со мешан етнички состав, вклучително со градот Скопје, но со посебни листи за советници. Исто така, минатата година, двете владејачки партии заеднички застанаа зад кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател. Но, на третите избори по преземањето на власта, СДСМ и ДУИ нема да ја продолжат практиката на коалицирање. (Н.В.)