Ќе има ли амнестија за Катица Јанева?


Фото: Б. Грданоски

Измените на Кривичниот законик, но и новиот Закон за амнестија се надеж за сите затвореници дека ќе излезат побрзо од казнено-поправните институции. Меѓу нив е и ексобвинителката Катица Јанева која е осудена за злоупотреба на службена положба и овластување.

Според проценките за ефектите од евентуалното усвојување на Законот за амнестија и за измените на Кривичниот закон таа би требало и натаму да остане во затвор, додека повеќето од т ие што им покрена обвиненија ќе бидат амнестирани. Неофицијално,  таа и нејзините адвокати барале начин и таа да излезе на слобода. Едно од размислувањата е таа да добие условен отпуст, но измените на Кривичниот законик и амнестијата не ја опфаќаат.

Јанева во предметот „Рекет“ е осудена на седумгодишна затворска казна за делото „злоупотреба на службената положба и овластување“, што е три години повеќе од маскималната затворска казна за ова дело во новите одредби од Кривичниот законик, кои предвидуваат казна од една до четири години затвор. За ова дело пак, претходно немаше горна граница, а минималната казна беше три години затвор.Од друга страна, во најавената амнестија е наведено дека нема да се однесува за 10 кривични дела, меѓу кои делото „Злоупотреба на службената положба и овластување“, како и „Примање награда за противзаконито влијание“, едно од двете дела за кои во „Рекет“ беше осуден Бојан Јовановски.

Поранешната прва обвинителка во Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, на 15 јули 2019 година поднесе оставка од својата позицијата во СЈО пред објавување на аферата „Рекет“, а беше приведена на 21 август, по што и беше одреден притвор. На 14 септември Собранието ја разреши Јанева од функцијата во СЈО. Осомничена беше од 21 август 2019, а претходно помина неколку месеци во притвор.