Ќе го шириме каталогот и во Македонија: Разговор со Никола Кнежевиќ од „Кроација рекордс“


Фото: Б. Грданоски

Винилите имаат една ексклузивност, она што сте го купиле е исто така уникатно затоа што не може да се копира. Тие се вистински мал трофеј, вели Никола Кнежевиќ, музички уредник, во разговорот за „Независен“ осврнувајќи се на нивната долговечност. Потенцира дека албумот „Био сам наиван“  од Даниел Поповиќ, е најпродаван албум на Југотон во ексЈу, со малку повеќе од 725 илјади примероци.

Лејла Сабит

„Кроација рекордс“, најголемата дискографска куќа во регионот, се врати во Македонија во 2019 година по повеќе од четвртина век. Никола Кнежевиќ (35), еден од четворицата музички уредници во куќата, минатиот месец прв пат дојде во Македонија, за „Денови на „Кроација рекордс“ во Скопје, да го промовира Новиот бран и музичките изданија во чест на 40 годишнината од ова маестрално музичко движење.

Кои се плановите на дискографската куќа врзани за Македонија, кој е најпродаван албум во ексЈу, зошто винилот никогаш не излегол од мода, ни откри Кнежевиќ во разговорот за Независен , помеѓу две службени патувања.

Ја почнал кариерата како радио водител и диџеј.Тој не само што сакал да слуша музика, туку и да пишува за неа, така што во 2017 година, заедно со уште двајца пријатели, го основа музичкиот портал Music Box, каде што се уште е главен уредник и музички и филмски критичар. Во сето тоа му помага неговото радио искуство (новинарство и познавање музички каталози), а потоа го започна својот прв контакт со работа на музички фестивали како ПР човек и официјален фотограф. На крајот на истата година, тој станува музички уредник во „Кроација рекордс“. Работи на бројни изданија, нови студиски или компилации  и реиздавање на некои од култните албуми во историјата на дискографијата.

Фото: Б. Грданоски

Со каква цел беа  организирани „Денови на Кроација рекордс“ во Скопје?

Со оглед на добрата соработка со нашиот супервизор Иван Бечковиќ почувствувавме голема заинтересираност на македонската публика за нашите изданија и изведувачи. Тоа е главната причина што ги организиравме овие денови, но и да ги промовираме Новиот бран и музичките изданија во чест на 40 годишнината од ова маестрално музичко движење.

Во Скопје беше промовирана дел од винилната програма на „Кроација рекордс“ за кој се печати четвртиот тираж .Како музички уредник во најголемата дискографска куќа во регионот, можете ли да го објасните феноменот на враќањето на винилите на музичкиот пазар?

Винилот никогаш навистина не исчезна од пазарот, ако зборуваме за светскиот пазар, и ако зборуваме за нашиот регионален, имаше период кога публиката се сврте кон нешто посовремени медиуми, но и кога дискографијата се среќаваше  со пиратеријата. Како што секогаш ги следиме светските трендови, така винилот се врати на нашите простори со текот на времето, како формат кој обезбедува најтопол звук на готовиот производ. Винилот исто така стана формат прифатен од некои нови генерации, без разлика дали слушаат музика преку тој формат или не, а големото зголемување на бројот на грамофони што се продаваат во регионот доволно кажува дека има повеќе кои сакаат да го истражат овој формат, да слушаат музика на винил или  да станат фанови на винилот. Навистина нема феномен, целата оваа ситуација е одраз на ситуацијата на светскиот пазар. Ако потрошите 20 евра за музика, сакате да имате во ваши раце производ вреден тие 20 евра, без да ги загрозите другите формати. Винилите се токму тоа, вреден трофеј на музиката што сакате да ја слушате. Грамофонските плочи имаат една ексклузивност, она што сте го купиле е исто така уникатно затоа што не може да се копира. Тоа е вистински мал трофеј.

Кој критериум беше пресуден за селекцијата на насловите?

Критериумот беа најважните наслови за нови бранови во самата година на процутот на овој музички жанр, и истовремено да ги вклучиме  белградската и хрватската музичка сцена. Но, тоа е само почеток на она што ќе го реиздаваме од новиот бран во иднина.

Дали имате статистика кој албум беше најпродаван во ексЈУ?

Ако зборуваме за времињата кога постоеше Југотон и ако зборуваме за музичката сцена воопшто, тогаш тоа е „Јас бев наивен“ (Био сам наиван)  од Даниел Поповиќ, кој се продаде малку повеќе од 725 илјади примероци.

Во Скопје, на  македонската  премиера  на „Нов бран – 40 години подоцна“  спомнавте дека милионските тиражи на Кроација сега се бројат на стотина.  Дали публиката го сменила вкусот од тогаш до сега? Што е сега тренд?

Трендовите се менуваат, трендовите во продукцијата се менуваат, а трендовите во поп културата исто така се менуваат. Музичките вкусови секако се сменија, и во согласност со глобалната хиперпродукција. Просечните тиражи се многу помали отколку порано, но причината не е депопуларизација на музиката, туку свртување кон модерни формати. Стримингот расте енормно и публиката главно слуша музика преку стриминг. Во нашата област, податоците за стриминг за официјалните листи за продажба на албуми се уште не се земени, и ако се земат, тогаш бројот на продадени копии би бил многу поголем. Можеби не како порано, но тоа ќе биде навистина респектабилна бројка. Истото важи и во светот, на пример BillieEilish, која продаде 238 илјади примероци во првата недела од објавувањето на новиот албум, од кои само 129 илјади се физички копии, се друго е дигитална музичка репродукција еквивалентна на еден албум. Кога зборуваме за домашна музика, сепак, најголемите имиња на музичката сцена или најважните реизданија од историјата на музиката доживуваат големи тиражи, а доказот е само нов бран.

Кои ѕвезди од регионот се под капата на „Кроација“?

Ако зборуваме за некои од најголемите музички везди, тогаш тие сигурно се Мишо Ковач, Дино Мерлин, Бајга и Инструктори, Неда Украден, Здравко Чолиќ, Прљаво казалиште, Црвена јабука, Дивље  јагоде, Горан Баре и Мајке … навистина постојат многу од нив, а има и соработки со други дискографи за заеднички изданија или проекти, од кои некои веќе ги спомнав.

Фото: Б. Грданоски

Како ги избира(в)те македонските пејачи и  групи под вашата капа?  Кои се вашите обврски, а кои се привилегиите на вашите ексклузивци?

Квалитетот е пред е, факторот Х поради кој може да се каже за изведувач дека може да постигне нешто, да даде нешто посебно на публиката. Не мора да значи дека успехот ќе се случи веднаш, но некогаш публиката ќе го препознае тој X фактор. Кроација рекордс, како најголема издавачка куќа во регионот, се обидува да ги оправда овие епитети. Наша одговорност е да ја оправдаме довербата на изведувачите кои избраа да работат со нас, а ексклузивноста ја обезбедува таа гаранција.

Во богатата ризница на „Кроација рекордс“ се наоѓаат повеќе од илјада и петстотини песни од времето на поранешна Југославија. Од Есма и Стево Теодосиевски, преку „Мањифико“, ансамблот „Билјана“, дузина најзначајни македонски изведувачи на народна музика, до Љупка Димитровска, „Конкорд“ и нашата гордост бендот „Леб и сол“. Во периодот што го опфаќа 21 век, тука се: Влатко Стефановски, Гаро и браќата Тавитјан, како и „Љубојна“, која за „Кроација рекордс“ објави колекција составена од најголемите хитови.Дали имате во план и други пејачи или групи од Македонија  ?

Секогаш планираме да го прошириме нашиот каталог, вклучително и во Македонија.

Фото: Б. Грданоски

Што значи за македонската поп-сцена „Кроација рекордс“?

Самиот факт дека некое издание ја носи етикетата на „Кроација рекордс“ значи дека зад него стои голем, сериозен и респектиран издавач. Изданијата, во секој поглед, можат да се носат рамо до рамо со изданијата најголемите светски дискографски куќи. И звучно и визуелно. Се надеваме, по Деновите на Кроација рекордс во Скопје дека некоја нова македонска сцена ќе не препознае и дека ќе ги прошириме дискографските погледи на некои, а тоа е дека во денешниот светски и музички бизнис може да имате дискограф од друга земја кој успешно ќе промовира изведувачи на многу поширок пазар.од  тој во државата.

Што најмногу слушаат македонските фанови?

По посетата на Македонија, можам да кажам дека тие исклучително ги ценат македонските изведувачи во каталогот на Кроација рекордс, особено етно или фолклорен каталог, што секако е разбирливо бидејќи Македонија има големо традиционално музичко наследство, и чувствувам дека тие се големи љубители на рок музиката, нов бран, или генерално поинтензивна музика .. Мислам дека нема правила, се што е хит ќе оди одлично и во Македонија.

 Што планирате за идната година кога славите 75 години од куќата?

Како и секоја година, планираме голем број изданија, но поради самата годишнина и повторното објавување на некои од најважните албуми во историјата на југословенската дискографија.

Покрај толку квалитетна музика околу вас, што приватно слушате?

Приватно навистина немам некои посебни правила и насоки, но ако треба да изберам тогаш би рекол прогресивна и психоделична рок музика, а тоа ќе се потврди со фактот дека Пинк Флојд е мојот омилен бенд, а дури потоа следат Битлси, Дорс и слично.
Ќе издвојам и еден албум што го слушам деновиве, што ме импресионираше – „PressureMachine“ од TheKillers. Слушајте го!