Ќе биде тоа интересна средба на судот со Канал 5


Фото: Б. Грданоски

 

Кога се фрла зарот не знаеш на која страна ќе падне. Како некаков Зевс громовник телевизијата Канал 5 фрла ровја против „Независен“ од олимпот на „еден од највлијателните медиуми“, па и навредува. Подготвувале тужба за „Независен“ поради „измислени тези“ дека пет телевизии со национални концесии барале враќање на владините реклами за да може да се подобри нивното финансиско салдо.

Ќе ја видиме тужбата што би требало да стигне. Но во исто време и Канал 5 ќе ја види тужбата на „Независен“ и на неговите новинари за бесрамните клевети, навреди и омаловажувања. Со леснотија каква што не познава македонскиот журнализам, Канал 5 го нарекува „Независен“ „парамедиум“, а новинарите што работат во него „парановинари“. Наводно, поради тоа што порталите не биле ставени „во правен промет“.

Тоа е баш клевета. Според оваа аналогија, само Канал 5, другите телевизии со национални концесии, неколкуте весници што жилаво се борат да опстојат на пазарот и повеќе радија имаат право да се нарекуваат „вистински медиуми“ – сите други се „параколеги“ од „парамедиуми“. Стотици портали, истражувачки медиумски страници – сето тоа треба веднаш да се фрли во кошот кој е наменет за сето она што е „пара“.

Во „Независен“ работат новинари кои се меѓу најискусните и најпочитуваните во журналистичката професија во Македонија. Со редица домашни и меѓународни награди за нивната извонредна работа. Со искуство во самиот врв на македонскиот журнализам од 20, 30, 40, па и повеќе години. И сите нив телевизијата, која самата себеси се оценува како „еден од највлијателните медиуми“, ги нарекува „парановинари“. Ќе видиме какво образложение ќе даде Канал 5 за овие незамисливи навреди и клевети во судот каде ќе се расправа за нападите и омаловажувањата што ги прави телевизијата.

Во соопштението на Канал 5 се наведува дека „Независен“ прави „групирање на петте национални телевизии“. Ние не правиме групирање, самите тие пет телевизии се собраа заедно во здружението Македонска медиумска асоцијација (ММА) за подобро да ги штитат нивните интереси. За прв претседател на ММА беше избран директорот на Канал 5. Оттогаш тие многу често настапуваат заедно како групација во заштита на нивните интереси, што е легитимно. Па, како тогаш „Независен“ бил тој што ги „групирал“.

Според стандардите на журнализмот за секоја информација може да се поднесе демант, доколку некој од засегнатите во неа мисли дека некои од работите не се точни. Генерално, тие деманти се објавуваат во сите медиуми. Доколку Канал 5 е вистински убеден дека навистина не преземале ништо заедно со другите национални телевизии да се врати владиното рекламирање, тогаш можеше да испрати добро напишан демант, кој секако ќе беше објавен. Но изгледа дека се навикнати да функционираат само со закани, и преку дигиталниот свет и преку телефонскиот, со јавувања на директорот Иван Мирчевски. А гласноста на тие закани да биде особено голема спрема колегите, што во основа е обид за замолчување.

Канал 5 во соопштението во кое ја најавува тужбата против „Независен“ вели „според сите европски закони за медиумско работење, секоја ТВ куќа во Македонија во секој момент има право да си ја креира уредувачката политика која кореспондира со настаните за кои постои најголем интерес во јавноста“. Никој не би рекол дека во тоа има нешто спорно. Но екстремно спорно е што тоа право на кое се повикува Канал 5 сака да им го одзема на другите. Па и на „Независен“.

Зошто? Затоа што биле „парамедиуми“ – како светски познатите „Политико“, „Базфид“, „Хафингтон пост“, француски „Медиапарт“, „ЕУобсервер“, „Еурактив“… Македонските медиуми, вклучувајќи го и „Независен“, многу често цитираат информации од овие њуз-страници, а пренесуваат и цели стории. Според логиката на Канал 5, сите тие се озлогласени „парамедиуми“ во кои работат „парановинари“, па затоа читателот треба да размисли дали треба да им верува кога ќе отвори некоја од овие страници за вести и анализи. Дали некој е „вистински“ или „парамедиум“, веб-страница што продуцира лажни вести, главната пресуда ја дава јавноста, а не директори или други лица од некоја телевизија.

Очигледно дека целата нервоза што се истура од Канал 5 не е во информацијата од 15-ина реда, туку што обновувањето на старото барање за враќање на владините реклами во медиумите наидува на широк отпор во медиумските здруженија и кај најголемиот број новинари. Стравот е дека би можело да се врати корумпирањето на медиумите од времето што го оставивме зад нас. Се разбира, за некои исклучително полезни кампањи, како што е големиот проблем со пандемијата, би требало да се најде модус за да допрат до поголем дел од јавноста преку медиумите, но тоа не треба да значи отворање на сите вентили.

На тој страв (што е основа на информацијата на „Независен“ за која се толку бесни во Канал 5) се надоврзува и денешното соопштение на Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите во кое велат дека упатиле писмо до претседателот, премиерот, спикерот на парламентот, координаторите на политичките партии и укажуваат дека менувањето на членот 102 од Законот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе предизвика штетни последици и ќе биде еден вид отворена врата за корумпирање на медиумите.

„Оваа пракса на откупување на простор во медиумите од страна на јавните установи во медиумите за кампањи може да ја поткопа независноста во медиумите и да го загрози правото на слобода на изразување. Дополнително, ова може сериозно да го наруши медиумскиот пазар, кој и така е под влијание преку јавни средства кои се предвидуваат во Изборниот закон преку платената политичка програма“, велат новинарските здруженија.

Ќе биде извонредно доколку Канал 5 се изјасни за овој став на новинарските здруженија и дали е за укинување на Членот 102 и враќање на владините реклами во некаков обем. Во соопштението дека подготвува тужба за „Независен“ телевизијата најмалку се занимава со работи што се објавени во нашата информација, туку со некои други нешта, како тоа дека „’таличниот’ министер за правда Тупанчевски со денови избегнува да даде изјава за Канал 5“.

Љупчо Поповски,   

Главен и одговорен уредник на „Независен“