Кисела Вода ќе добие модерен затворен пазар


Фирмата чија понуда беше избрана како најповолна започна да го гради модерниот затворен пазар во општина Кисела Вода, на местото од некогашниот див пазар кој тука функционираше во субстандардни услови, без водоводна и санитарна инфраструктура.

Како што велат од Општина Кисела Вода, се работи за современо здание со површина од 250 квадратни метри.

– Инфраструктурно средениот пазар ќе има и модерна надворешност, па ќе претставува квалитетно естетско решение за овој дел од Кисела Вода, каде во непосредна близина се лоцирани паркот „Македонија” и Домот на култура „Билјана Беличанец”- информираат од локалната самоуправа.

Инаку, според општинските власти ова ќе биде пристојно место за набавка на свежо овошје и зеленчук, а за пазарџиите, квалитетен простор за пласман на нивните производи.

Проектот чини 13 милиони денари од кои 9,8 милиони денари обезбедува Министерството за локална самоуправа, согласно потпишаниот договор за финасиско партнерство за изградба на овој пазар, а останатите средства ги покрива Општина Кисела Вода од својот буџет.