Кисела Вода едногласно го изгласа Буџетот, заедно со парите за капитални проекти од Владата
Советот на Oпштина Кисела Вода денеска едногласно ги донесе сите одлуки на четириесет и петтата пленарна седница. Со гласањето за, се овозможи ребаланс на Буџетот за 2024 година, односно се обезбедија средства во износ од 140.954.076 денари за капитални проекти од повикот на Владата, информираат од Општината.
Градоначалникот Ѓорѓиевски им се заблагодарил на сите советници за покажаното единство, нивната поддршка и конструктивен пристап за доброто на граѓаните и иднината на општина Кисела Вода.
-Би сакал искрено да им се заблагодарам на сите советници од Советот на Општината за покажаното единство и конструктивност, што резултираше со едногласно донесување на сите одлуки. Овој пристап не само што ја потврдува нашата посветеност кон интересите на граѓаните, туку и овозможува нашите проекти брзо и ефикасно да станат реалност. Со ребалансот на Буџетот кој го усвоивме, ќе можеме да обезбедиме значајни инвестиции во инфраструктурата – изградба и реконструкција на патишта, уредување на јавни простори и обезбедување модерни и безбедни училишта и градинки за нашите деца. Нашата заедничка работа ќе донесе видливи промени што ќе го подобрат квалитетот на живот за секој жител на општината, рекол тој.
Ѓорѓиевски потсети дека вчера биле склучени два договори со Министерството за транспорт и врски и еден договор со Министерството за животна средина и просторно планирање.
-За само еден ден од потпишувањето на овие договори, општина Кисела Вода е првата општина која веднаш ги вклучи во нашиот Буџет со цел да не се изгуби дополнително време при реализација на истите. Согласно динамиката и времето во кое ги добивме овие средства, се предвидува да бидат завршени во 2025 година, а истите денеска беа изгласани како развојни програми на општината и тоа: реконструкција на постојна улична мрежа коловоз на улица “Ѓорѓи Димитров”, Реконструкција (рехабилитација) на коловоз изработка на тротоар за патот кон манастир “Пеленица’’, проект за уредување и изведба на потпорни ѕидови на речно корито на реката Мала Рада ’’Дополнително обезбедена е донација во ООУ “Невена Георгиева Дуња” преку програмата Еразмус, истакнал градоначалникот на Кисела Вода.
Според него, обезбедени се и средства кои Министерството за образование не ги имашло исплатено кон училиштето ЦОУ “Рајко Жинзифов” за изградба на спортска сала, за која МОН во сите овие години не ги испочитува обврските.
-За потсетување, овој договор е од 2016 година. Претходно во договор со Министерството за Спорт обезбедивме финансирање на салата “Расадник” со средства на министерството со што ослободивме средства од Буџетот на општина Кисела Вода за 2025 година. Обезбедивме финансии и за реновирање на градинки на територија на општина Кисела Вода, како и дополнителни средства за набавка на опрема во основните училишта. Со ребалансот на Буџетот обезбедивме и средства за непречена реализација на планираните проекти и тековни трошоци за непречено функционирање на општина Кисела Вода, а дополнително скративме непродуктивни трошоци што стана практика на општина Кисела Вода во изминатите три години, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој вели дека како институција остануваат посветени на соработката и единството заради поголеми цели, како развој и напредок на општина. Со ваква поддршка, сигурен е, дека ќе бидат реализирани сите поставени планови за подобро утре.