Кирацовски: Пендаровски ќе оствари сигурна победа и во вториот изборен круг


Кандидатот поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски е во водство пред неговиот противкандидат поддржан од ВМРО и коалицијата Гордана Силјановска Давкова, по пребројани околу две третини од избирачките места, изјави на вечерашната прес-конференција шефот на изборниот штаб на Пендаровски , Александар Кирацовски.

Кирацовски прецизира, според актуелните податоци, Пендаровски води со 2,5 проценти пред Гордана Силјановска Давкова.

-Кандидатот поддржан од сите етнички заедници ќе оствари сигурна победа и во вториот изборен круг, во фер и демократска атмсофера. Во вториот круг очекуваме граѓаните уште посилно да го поддржат концептот што оди напред, рече Кирацовски без да навлегува во деталите во кои избирачки места води Пендаровски, напоменувајќи дека ова се претседателски, а не локални избори.

Нагласи дека Стево Пендаровски несомнено ќе биде идниот претседател на Северна Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање, Кирацоски кажа дека излезноста не е мала, таа е над 40 проценти, додавјаќи дека најверојатно на граѓаните во земјата им е здосадено од избори во изминтиве 12 години и тие се изморени од политиката.

Вели дека Пендаровски ја има поддршката од СДСМ и сите коалициски партнери и оти тука во медиа центарот на Пендаровски се присутни претставнции на сите партии, меѓу кои се очекува и доаѓањето на тие од ДУИ.