Кинеските берзи во пораст откако Трамп најави помало зголемување на царините


 Азиските берзи денеска се тргуваат внимателно, бидејќи новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави зголемување на царините, додека доларот зајакна во однос на кошничката валути.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции беше во минус од 0,2 отсто во 7:00 часот. Истовремено, индексот Никеи се лизна за 1,4 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,5 и 0,6 отсто. Во Шангај и Хонг Конг тие се зголемија за околу 0,3 отсто.

Доналд Трамп вчера најави дека штом ќе влезе во Белата куќа ќе ги зголеми царините за увоз на кинески производи за 10 отсто, а на Мексико и Канада за 25 отсто. Ова ги натера инвеститорите да бидат претпазливи, а повеќето азиски берзански индекси утрово се во минус.

Но, кинеските берзи благо пораснаа бидејќи зголемувањето на царините, велат аналитичарите, било очекувано.

„За време на претседателската кампања, Трамп најави воведување тарифи од 60 отсто за кинески производи, така што неговата нова порака за царини од 10 отсто е всушност позитивна“, објаснува Јанг Тингву, директор во Тонгхенг инвестмент.

Покрај тоа, инвеститорите се надеваат на нови стимулативни мерки од кинеските власти, со оглед на заканите на Трамп за царини.

„Кина веќе има искуство со трговската војна од првиот мандат на Трамп, така што сигурно веќе има планови како да се справи со тоа. Протекционистичката политика на Трамп може да ја охрабри Кина да го забрза процесот на постигнување самодоверба и замена на увозот“, вели Симон Ју, директор во Panyao Asset Management.

И на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути се зголеми.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 107,37 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 106,95 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 154,10 на 154,05 јени.

Сепак, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0460 долари, додека вчера во ова време беше 1,0480 долари.

Цените на нафтата, пак, повратија дел од вчерашните загуби. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,25 отсто, на 73,20 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,23 отсто, на 69,10 долари.