Кинескиот производител на електрични автомобили ја претстави новата генерација на батерии
Новата генерација на батерии од кинескиот производител BYD е компактна и побезбедна од алтернативните опции на пазарот, велат од компанијата, пренесува Форбс.
Кинескиот гигант во областа на електричните возила BYD најави дека во 2025 година ќе започне со производство на нова генерација на таканаречени blade батерии.
Името го добиле по долгите, издолжени ќелии кои личат на сечилото на мечот. Новата Blade Battery на BYD, во споредба со претходната генерација, е компактна батерија од литиум железо фосфат, која треба да биде побезбедна од другите алтернативни опции на пазарот, објави Ројтерс.
Претседателот и главен извршен директор на компанијата, Ванг Чуанфу, изјави дека со новата генерација батерии ја подобриле безбедноста бидејќи се дизајнирани така што не можат да се запалат. Исто така, компанијата нагласува дека ќе зазема помалку простор во возилата.
BYD исто така се фокусира на развој на системи за управување со животниот век на батеријата. Откако ќе се користат во возила, батериите би можеле повторно да се користат, на пример за складирање на енергија, изјави Као Шуанг, директор на европскиот оддел за продажба на автомобили, за специјализираниот кинески медиум CGTN.
BYD ја претстави првата генерација на литиум-железо-фосфатни батерии, кои моментално ги користи во сите свои електрични возила, во октомври 2020 година.