Кинескиот балон летал над нуклеарни силоси во САД

Американските бродови поставија периметар покрај брегот на Јужна Каролина каде што беше соборен кинескиот, како што се сомнева, шпионски балон, бидејќи пловилото за собирање на остатоците нема да биде на лице место со денови. Нивната цел е да ги спречат Кинезите први да дојдат до остатоците од балонот


 

Официјални лица на Соединетите Американски Држави потврдија дека борбен авион Ф-22 соборил кинески балон со една ракета AIM-9X во 14:38 часот во саботата во близина на брегот на плажата Миртл. Аудио снимка од еден од двата испратени авиони, кои користеле повици „Франко 01“ и „Франко 02“, го открива моментот кога пилотите го потврдиле ударот.

– Балонот е целосно уништен – изјавиле пилотите за Источниот сектор за воздушна одбрана, пренесе „Дејли мејл“.

Полето со остатоци е широко 11 километри

Американските одбранбени претставници пред падот процениле дека балонот бил со големина колку три автобуси и дека полето со отпад ќе биде големо.

Висок воен советник за Фокс њуз изјави дека полето со отпад е широко околу 11 километри, а проценетата длабочина на водата е 14 метри. Додека повеќе бродови на американската морнарица и крајбрежна стража се во областа, поставувајќи безбедносен периметар и пребаруваат, неименуваниот советник рече дека официјалниот брод за собирање на остатоците ќе пристигне по неколку дена.

Во моментов нема хронологија на враќањето на балонот од Атлантскиот Океан, откако неговото појавување ја шокираше Америка, кога лебдеше над неколку нуклеарни силоси пред да биде соборен, пишува „Дејли мејл“.

На снимката од авионот како го соборува балонот се гледа како Ф-22 се упатува кон него и истрелува проектили додека зачудените локални жители гледаат од брегот.

Пофалби за пилотите

Американскиот претседател Џо Бајден го пофали пилотот кој го собори балонот.

– Во среедата му наредив на Пентагон да го собори што е можно поскоро без да наштети никому на тлото. Тие одлучија дека најдобро време да го направат тоа е кога ќе дојде над водата. Успешно го соборија и сакам да ги пофалам нашите воздухопловци кои го направија тоа – рече Бајден.

Пентагон го потврди ова.

„Балон што го користеше Народна Република Кина во обид да ги надгледува стратешките локации во континенталниот дел на САД беше соборен над територијалните води на САД“, се вели во соопштението.

Бајден сакаше веднаш да се собори балонот

„Дејли мејл“ наведува дека Бајден првпат бил информиран за балонот минатата сабота, на 28 јануари, кога бил забележан над Алјаска.

Американската војска го следеше низ воздушниот простор на Канада и кога тој повторно влезе на територијата на САД во вторникот. Следниот ден Бајден доби детален извештај за балонот и неговото движење, а присуствуваа и министерот за одбрана Лојд Остин и генералот Марк Мили, началникот на Генералштабот на американската армија.

Бајден првично сакаше веднаш да го собори балонот, но Мили и Остин укажаа на високиот ризик од паѓање на остатоци на земја. Во меѓувреме, американската администрација побара објаснување од кинеската амбасада и продолжи да се подготвува за сега веќе откажаната посета на државниот секретар Ентони Блинкен.

Инцидентот беше објавен речиси една недела подоцна

Во четвртокот, администрацијата на Бајден конечно излезе во јавноста за инцидентот откако локалниот весник во Монтана, Билингс Газет, објави фотографии од балонот. Обидите на Белата куќа да го скрие од јавноста речиси една недела очигледното нарушување на воздушниот простор на САД и неуспехот да дејствува поради заканата за националната безбедност ги разбесни републиканците.

– Балонот за надзор на комунистичка Кина го прекршува меѓународното право и ја загрозува нашата татковина. Срамота е што администрацијата на Бајден го забележа балонот пред неколку дена додека леташе над Алеутските острови и не презеде ништо за тоа – изјави конгресменката Никол Малиотакис за „Њујорк пост“.

Во меѓувреме, Пекинг го критикуваше Вашингтон за „очигледно претерана реакција и сериозно кршење на меѓународната практика“. Официјален Пекинг во соопштението објавено во неделата порача дека Кина цврсто ги поддржува легитимните права и интереси на компанијата што го поседува балонот и во исто време го задржува правото да „преземе дополнителни мерки како одговор“ на американското соборување на балонот, пренесе АП.

Шпионажа со непозната технологија

Инцидентот уследи по доверливиот извештај во Конгресот во кој се наведени напредната нова технологија што американските противници ја користеле за да ја шпионираат земјата. Извештајот минатиот месец цитираше најмалку два инциденти на ривалските сили кои вршеле воздушно надгледување со нешто што се чинеше дека е непозната модерна технологија, рекоа извори на Њујорк Тајмс.

Иако ниту една земја не беше посочена во извештајот, двајца американски функционери запознаени со случајот ја именуваа Кина. Споменатите два инциденти, односно локациите на кои е откриен овој необичен надзор, биле американска воена база во САД и една во странство.

„Дејли мејл“ наведува дека од 2021 година, Пентагон истражил 366 необјаснети инциденти и утврдил дека 163 биле – балони. Неколку од нив беа напредни балони за надзор, изјави американски официјален претставник за Тајмс.

Кина: Не е најавена посета“

Блинкен тврди дека му рекол на кинескиот дипломат Ванг Џи во телефонски разговор дека испраќањето на балоните над САД е „неодговорен чин“ и дека одлуката на Кина да ја преземе оваа акција пред неговата посета била „штетна за суштинските дискусии“ што тие се подготвувале да ги одржат. .

Кинеското Министерство за надворешни работи во соопштението наведе дека „всушност, САД и Кина никогаш не најавиле никаква посета“.

„Тоа што САД даваат било каква најава е нивна работа и ние го почитуваме тоа“, се вели во соопштението.

Според Пекинг, Ванг рекол дека Кина „секогаш строго го почитувала меѓународното право“ и дека „не прифаќа никакви неосновани шпекулации и публицитет“. Кинеското Министерство соопшти дека „балонот наменет за метеоролошки и други научни цели отстапил од предвидената рута“ и изрази жалење што залутал кон САД поради „виша сила“, што Пентагон го оспори. Лојд рече дека кинеските власти го користеле соборениот балон „за следење на стратешките локации во континенталниот дел на САД“.

Откритието на балонот, кое ги вознемири Белата куќа и Пентагон, им нанесе уште еден удар на веќе затегнатите односи меѓу САД и Кина кои се влошуваат со години и го натера Блинкен нагло да ја откаже посетата на Пекинг. (Блиц)