Киненова НА ПРВО СВЕТЛО е најактуелен од кога и да е, носи исклучителни дебитантски филмови , а доаѓа и светскиот лауреат Емин Алпер
Од 14-18 октомври, на неколку локации низ Скопје, во рамки на програмата, на 11.ИФФ Киненова ќе бидат претставени близу 40 филмски наслови поделени во неколку 7 програмски целини. Со својот автентичен и единствен во нашата земја фестивалски формат, КИНЕНОВА ги надминува границите што означуваат територии и континенти, и останува посветена на промоција на уникатниот и свеж авторски израз, трагајќи неуморно по новиот: Фелини, Бергман, Кишловски, Тарковски, Трифо, Антониони, Линч, Вендерс, Ценевски…., бидејќи во Македонија постои филмска публика која е многу поинаква од онаа која е исклучива за трендовските и веќе познати наслови и стории, што повеќето од фестивалите го нудат.

„Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА ја започнува новата деценијa, новата етапа од своето постоење. На ова 11-то издание од фестивалот, кој оваа година е под мотото НА ПРВО СВЕТЛО, ја осветлува „новата траса од патот кој го гради КИНЕНОВА“, рече на денешната прес конференција директорот на МФФ Киненова, Небојша Јовановиќ.
Информираше дека главната фестивалската програма на КИНЕНОВА, оваа година носи 6 исклучителни, врвни по многу нешта, дела на светската кинематографија, кои долго ќе предизвикуваат дискусии и прашања за особено актуелните приказни и теми кои ги обработуваат.
-Селекцијата како и секоја година не е работена тематски, но веројатно потсвесно, интуитивно, како што имлицира нашата визуелна креатива, откако се конципираше целата програма сфатив дека во истата доминира еден уптилен женски, хуманистички поглед на светот, значи женски ракопис и следствено фокус на скоро сите видови на ранливи групи на луѓе. На програмата се: THREE WEEKS LATER на Мирослав Терзиќ, IN THE SHADOW на Салем Салавати, YESTERDAY THE EYE DIDN’T SLEEP на Ракан Мајаси, FANTASY на Кукла Кешеровиќ, KURAK на Ерке Џумакматова и THE SHOES OF MY FATHER на Христо Симеонов, информираше Јовановиќ.
Фестивалот свечено ќе биде отворен на 14-ти октомври, во киното Фросина во МКЦ со најновиот филм на Мирослав Терзиќ, познат на публиката на КИНЕНОВА по претходниот филм ШАВОВИ. Сите филмови потоа се селат во киното во Кисела вода.

На 11. издание на ИФФ Киненова ќе имаме референтни автори и искрени филмски стории, моќни и гласни, рече Гена Теодосиевска, уметнички директор на Фестивалот.
Таа посочи дека „Киненова“ излегува од формалната македонска фестивалска шема и макотрпно се избори за своето место на Европската и меѓународната фестивалска мапа на фестивали на новиот авторски филм.
-Иако за жал со многу скромни средства, што значи повеќе потценет отколку вистински валоризиран Годинешниов буџет на фестивалот е понижувачки за сите нас кои со години сме дел од организаторите и промоторите на вистинските филмски вредности. За разлика од неколкуте фестивали кои добија неверојатни и според мое мислење незаслужено високи буџети, а кои со години понудија ред филмови, два реда забава, со ликови кои никогаш и не биле на филмски сет, а камо ли да присуствуваат во некој од продукциските или постпродукциските процеси во создавањето на еден филм, само Киненова ги доби истите средства како и минатата година, а е единствениот фестивал во Македонија што е посветен на младите смели автори кои не се плашат да ги отворат најгорливите и најтешките прашања, или пак да ги дадат најнеочекуваните одговори преку нивниот филмски јазик. Нивните наративи не поттикнаа годинава да ја дочекаме филмската селекција на еден од двата најреферентни фестивали на краткиот метар во Европа, Филмскиот фестивал во Драма, Грција со ИФФ Драма патува на Киненова, со шест кратки филма. Инаку следната година овој фестивал слави половина век од своето основање, а Киненова има намера нашата соработка да се одвива континуирано и во иднина. Овој фестивал последниве десетина години преку строги правила и висококвалитетна програма, ги доби лиценците за директна квалификации на филмовите од главната компетиција за Европските филмски награди, за Оскар и годинава и за Бафта наградите. Така се работи кога имате поддршка од градот, граѓаните, соодветните државни и владини иституции и високо профилирани организатори и професионални познавачи на филмската продукција и филмската уметност. Не сакам да потсетувам што се ние имаме, а реално што се немаме, подвлече Теодосиевска.
Теодосиевска информираше дека Земја во фокус е Албанија.
-Ќе ги имаме фимовите „Засолниште меѓу облаците“ на Роберт Будина, „Напуштајќи го рајот“ на Генц Пермети и „Танцувајќи со облаците“ на Плутон Васи. Имаме селекција на шест кратки филмови во меѓународната селекција.

Во чест на нашиот лауреат Емин Алпер, кој годинава со својот најнов филм “Спасение“ (Kurtuluş) во Берлин ја понесе Наградата на големото жири, Сребрената мечка, воедно и претседател на жирито кое ќе ги оценува филмовите, на публиката и го носиме неговиот прв дебитантски долгометражен игран филм „Зад ридот“, кој во 2012 година ги доби наградите Special mention за најдобар дебитантски филм и Калигари филмската награда на независното жири на 62. Берлинале, а потоа ги доби наградите на Азија пацифик скрин, Специјалната награда на жирото во Сараево, на фестивалите во Карлови Вари, Таипеи, Палиќ итн. Емин Алпер ни доаѓа заедно со неговиот долгогодишен соработник монтажерот Озкан Вардар, заврши Теодосиевска.
Директорот Јовановиќ и ја најави соработката на фестивалот Киненова со Општина Кисела Вода преку работилницата за деца „Снимај паметно, остави трага“ под менторство на Марија Џиџева. На прес конференцијата се обрати градоначалничката на Оштина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска, која изрази задоволство од соработката со фестивалот Киненова и посочи дека слоганот „На прво светло“ испраќа силна порака за нови идеи во културата, концепт што Општина Кисела Вода континуироано го претвора во реалност.
Фестивалот Киненова е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ и од Општината Кисела Вода.