Казни за три градинки и едно училиште поради лоша хигиена во кујните


Три градинки и едно училиште заработиле казни во рамки на серијата инспекциски контроли кои Агенцијата за храна и ветеринарство ги спровела од почетокот на учебната година.

Според објавените информации, контролирани биле кујните на 91 градинка и 23 училишта при што утврдено било дека кај 9 градинки хигиената не била на задоволително ниво, а во една од нив персоналот немал соодветен лекарски преглед.

Кај училиштата, проблеми главно со хигиената, биле констатирани во пет кујни при што едно училиште било казнето, а донесени биле и пет решенија за отстранување на проблемите.

Како што информираат од Агенцијата, во овие инспекциски контроли биле уништени 24 килограми небезбедна храна во градинките и уште 59 килограми во училиштата.