Катанци и синџири во психијатриската болница „Демир Хисар“, 15 затвореници спијат во 14 квадрати


Во најголемиот затвор во државава, КПУ/КПД Идризово, во таканареченото затворено одделение во најголемиот дел од просториите не се почитуваат Европските затворски правила, според кои како минимален стандард за сместување лица лишени од слобода се налагаат четири метри квадратни индивидуален простор во заедничко домување, или шест метри квадратни во самостојно домување. Напротив тука условите доведуваат до нечовечки и понижувачки третман на осудените лица, истакна Омбудсманот, Насер Зибери.

Тој го посочи примерот со посетатата на третото крило на затворот каде што во една соба од 14, 28 метри квадратни биле сместени 15 осудени лица од кои шестмина спиеле на душеци на подот а останатите на кревети на четири спрата.

-Во болницата „Бардовци“ има нередовност во примањето на терапијата. За време на посетата, персоналот не може да воспостави ред во примањето на терапијата од страна на пациентите, а беа добиени наводи и дека персоналот се соочува со закани од напади од болничкиот персонал. Конфликтите меѓу пациентите се чести, а вербалнитте караници резултитраат со напади. Во судското одделение на болницата „Бардовци“ има чести бегства кои можат да траат неколку месеци, при што како причини пациентите ги посочуваат лошите услови, недостатокот на организирање активности. Во прилог на ова е и недоволниот медицински персонал, како и слаб менаџмент, рече Зибери изнесувајќи податоци од Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам за ризиците од тортура во сместувачките капацитети на лицата кои се задржуваат или се лишени од слобода и тоа како што рече на денот за поддршка на лицата против тортура.

Како што истакна, материјалните услови не се доволни за стандардите.

-Во објектот „Демир Хисар“ беа пронајдени кожени ремени, метални синџири со катанче. Во друга просторија имаше цврст кабел, за што вработените немаа одговор зошто е таму. Народниот правобранител посебно ја нагласува забраната за чување метални синџири во болниците, рече Зибери и препорачува зголемување на бројот на персонал, медицински сестри, техничари и болничари во двете болници.

Народниот правобранител Насер Зибери денеска го презентира извештајот за состојбите во затворите и психијатриските болници во 2022 година. Станува збор за извештај насловен Национален превентивен механизам (НПМ) за 2022 година.