Карванот „Собрание за граѓаните“ денеска во Гевгелија


Стекнување со знаења за работата на Собранието, историјата на парламентаризмот, законодавната постапка и други теми од работата на институцијата, како и средби со пратениците од општините се дел од парламентарниот карван што денеска е во Гевгелија. Освен едукативна, активностите имаат за цел зголемување на транспарентноста и отчетноста на Собранието.

Како што информира собраниската прес-служба, карванот „Собрание за граѓаните“ ќе посети 12 градови низ земјата, додека завршниот настан ќе се одржи во Скопје. Проектот се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“ која што е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарската Амбасада.

Активностите почнаа на 25 октомври во Штип, а вчера во Кавадарци. Карванот ќе биде во Струмица на 28-ми, во Радовиш на 31 октомври, во Кочани на 1 ноември, во Велес  на 2-ри, Прилеп на 3-ти, Битола 4-ти, Охрид 7-ми,  Дебар 8-ми и Гостивар 9 ноември.

Парламентарниот карван ќе биде заокружен со завршен настан којшто е закажан за 12 ноември (сабота), во паркот Жена-борец.

Во текот на карванот, граѓаните ќе имаат можност да се стекнат со знаења на теми како историја на парламентаризмот, процесот на донесување закони, мандат и имунитет на пратениците, односи со другите институции на власта, организација и функционирање, парламентарни избори, како и политичка контрола и надзор над Владата од страна на Собранието. На секоја од локациите каде што ќе се одржува карванот ќе бидат присутни и пратениците од соодветната општина, при што граѓаните ќе имаат можност со нив да воспостават директен контакт и да разменат мислења.

Кампањата „Собрание за граѓаните“ се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, 10-годишен проект поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарска Амбасада во Република Северна Македонија. „Програмата за парламентарна поддршка“ се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени (ЦУП).