Каролина се дружеше со Лени Кравиц : Еве како изгледаше на концертот на рок- ѕвездата во Охрид


Светската ѕвезда Лени Кравиц, синоќа, направи концерт за паметење во Охрид, со својата енергичност, позитивна енергија,  и бројните хитови кој ја одбележаа светската поп-сцена.

Концертот на СРЦ „Билјанини извори“, во организација на „Авалон“,  му е трет во Македонија – втор во Охрид по оној во 2008-ма,  и во Скопје во 2019-та. 

Кравиц повеќе од час и половина не застана. Пееше, свиреше на гитара, комуницираше со публиката и ширеше љубов.

 

60-годишниот музичар е на турнеја на која го промовира новиот албум Blue Electric Lights, но за своите фанови не ги заборави ни најголемите хитови, кои му ја одбележаа кариерата – I Belong to You, It Ain’t Over ‘Till It’s Over, American Woman, Are You Gonna Go My Way и други.

Лени, кој важи за еден од најголемите заводници во Холивуд и модна икона, заштитно лице на брендови како  Ив Сен Лоран, и на 60 години носи припиени фармерки како никој друг меѓу музичарите. Така беше  и на концертот во Окрид. На сцената излезе со огромни очила, кожена јакна и каубојки со леопард принт. 

Врв на вечерта, барем за оние во првите редови од фан питот, беше моментот кога поп-ѕвездата се симна меѓу публиката, па најсреќните имаа можност да направат селфи или да го допрат. Ова го направи и на концертот во Скопје, кога публиката како во хор пееше со него. 

 

 

Пејачката Каролина Гочева, како ексклузивец на „Авалон“ ја имаше можноста да се види со Лени Кравиц. Од средбата објави фотка со него.

Кравиц ја освојуваше Греми наградата за најдобра рок изведба четири години по ред, од 1999 до 2002, со што го урна рекордот во оваа категорија. Тој има продадено околу 38 милиони албуми низ цел свет.

Неговата џиновска гитара насред Охридското езеро, поставена две недели пред концертот беше убав гест од организаторите, па Охрид заличи на светските поп-центри.

Споредувањата, дали на концертот на Аца Пејовиќ, претходната вечер, на Александра Пријовиќ или на Лени Кравиц имало помалку или повеќе публика, е прашање на музички вкус и на подлабока анализа –  зошто младите кај нас повеќе слушаат фолк од поп, и зошто спонзорите канат странски пејачи и групи, а не домашни. Секоја приказна има две страни.