Карантин: Седењето дома му штети на имунолошкиот систем


Фото: Б. Грданоски

Германија- Во борбата против ширењето на коронавирусот многу земји воведоа забрани за движење или контакти и на различен начин го ограничија социјалниот живот. Дури и таму каде седењето дома не е пропишано со закон, луѓето од страв ретко или воопшто не излегуваат од дома.
„Знаеме дека карантинот- како ултимативен облик на забрана за движење- навистина може да води до психички пореметувања дури и кај сосема нормалните луѓе“, вели Манфред Шпицер, професор по психијатрија на Универзитетот во Улм и шеф на тамошната психијатриска клиника.

Постојат долгорочни истражувања кои покажуваат дека по карантинот е поголема зачестеноста на анксиозноста, пореметувањата на сонот или дури и посттрауматски пореметувања. Тука нема разлика меѓу стари и млади, или мажи и жени. Сите можат да страдаат од тоа“, вели Шпицер.
„Затоа е препораката таквите мерки да се воведуваат само кога се неопходни“.
Во разговор за ДВ, професорот вели дека најважното оружје кое човекот го има во борбата против коронавирусот е сопствениот имунолошки систем. „Знаеме што го зајакнува имунолошкиот систем- едно од тие нешта е излегувањето надвор. Секако најдобро е таму каде што нема никој, на пример, во шума. Знаеме дека прошетката во шума во траење од еден, најдобро два часа, докажано го зајакнува имунолошкиот систем. Седењето во домот му штети на имунолошкиот систем. Тоа е особено важно за семејства со деца“.

Шпицер е автор на книгата „Осаменост- непризнаена болест: болна, заразна, смртоносна“. На прашањето дали деновиве социјалните мрежи можат да бидат замена за социјалниот контакт, вели:
„Критички гледам на социјалните мрежи, но тие во овие времиња секако се начин да се одржи контакт. Ве молам, само немојте деноноќно да ги следите будалаштините кои се шират таму“.
Угледниот психијатар вели дека, во моментов, телефонот е веројатно „најдобриот социјален медиуми“ кој го имаме затоа што вообичаено телефонираме со луѓе кои ги познаваме. „Твитер и Фејсбук не се толку добри. Непознатите луѓе со кои таму се среќавате не се толку пријатни“. (Дојче Веле)