Карамбол во Трнодол, а Општина Карпош прскаше емулзија


Покрај тоа што Општина Карпош уште утрово извести дека на критичните нагорнини во Трнодол, Жданец, Козле и Бардовци ги испрскала улиците со емулзија со цел безбедност на сообраќајот каде поради наврнатиот снег се очекуваше да биде лизгаво, во скопски Трнодол неколку возила се излигаа и се удрија.

Како што јави сопственикот на радио „Буба Мара“, Ранко Петровиќ, на Фејсбук, вечерва околу 19 часот пет возила пролизгале и се чукнале, а неколку негови соседи, па и тој паднале.

– Вечерва до 19 часот околу 5 возила се пролизгаа и чукнаа, јас и неколку соседи, го слушнавме ударот, веднаш го затворивме горниот приод на низгорницата, по некое време видовме дека некои повозрасни соседи, тешко се качуваат нагоре пешки, со чести паѓања, пробавме да дојдеме до нив, но за жал и јас опасно паднав на глава ( како на цртан филм), не се сеќавам баш на се, но знам дека по некое време со ползење стигнаа неколку соседи, лесно ме освестиле, дојдоа и други и некако ме станаа и донесоа дома – пишува Петровиќ.

Тој е лут на градоначалникот на Општина Карпош, кого, вели уште во 16 часот го предупредиле дека со емулзијата, сепак, се лизга.

Од Општина Карпош пак, пред половина час соопштија декав во овие моменти, зимската служба распрскува сол во сите населби. Се работи во повисоките делови: Жданец, Трнодол, Козле (долж „Ловќенска”) и Бардовци. Механизацијата делува и во подолните населби, во урбаното јадро. Утре, продолжуваме со чистење на пофреквентните зони: пред градинки и основни училишта, маркети, аптеки и сл.