Каракачанов секој ден демонстрира непопустливост


Бугарскиот вицепремиер, Красмир Каракачанов, истакна дека бугарската влада се придржува кон потпишаниот договор за пријателство и добрососедство, како и до рамковната позиција потврдена со декларација од бугарскиот парламент.

Без надминување на говорот на омраза, без јасна ревизија на образовниот систем заснован на лажни факти, Каракачанов е категоричен, нема начин Бугарија да се согласи да се закаже првата меѓувладина конференција за започнување пристапните преговори за Република Северна Македонија кон ЕУ.

Тој вели дека никој не извршил притисок врз бугарската влада, а германското претседателство досега само го изразило ставот за посредување, доколку е потребно, во разговорите меѓу двете земји, пренесе БГНЕС.

„Прво, немало притисок врз бугарската влада. Второ, во разговорите со претставниците на Република Северна Македонија Бугарија го потврди својот јасен став дека сме „за“ членството на Македонија во ЕУ, но веруваме дека договорот од 1 август 2017 година не се спроведува“, рече Каракачанов и даде пример со застојот на работата на историската комисија и публикациите со антибугарски содржини.

„За жал, владејачката коалиција во Скопје верува дека откако е отворена вратата за НАТО, Бугарија може да биде под притисок или од други политички причини да се согласи да ја укине својата позиција од минатата година и декларацијата на парламентот. Од наша страна постојано беше објаснето дека владата нема намера и не може да ја прескокне одлуката на бугарскиот парламент, бидејќи Бугарија е парламентарна република. За нас, прашањето останува отворено“, додаде вицепремиерот.

Каракачанов во вторникот даде и кратка хронологија на настаните околу неодамнешните разговори со македонската делегација.

„Тие траеја долго, од утро до доцна попладне. Следниот ден, среда, имаше онлајн конференција на која присуствувавме Екатерина Захариева и јас како вицепремиери овластени да ги водиме овие разговори. Тие имаа претставници на исто ниво. Не дојдовме до никаква нова одлука поради неподготвеноста на нашите колеги од Скопје да ги прифатат многу јасно одредбите утврдени во бугарската рамковна позиција “, рече Красимир Каракачанов пред пратениците.