Каракачанов: Петков подготвува национално предавство околу 24 мај


Околу 24 мај дел од владата на чело со премиерот Кирил Петков и партијата „Промените продолжуваат“ се подготвува за национално предавство, о изјави почесниот претседател на бугарското ВМРО, Красимир Каракачанов, кој е поранешен вицепремиер и министер за одбрана.

„Имате одлука на бугарската влада од 2019 година, одлука на парламентот од 2019 година, одлука на Координативниот совет за национална безбедност (КСНС) под претседателот од 2020 година, имаше и одлука на КСНС во јануари оваа година. Бугарскиот став е јасен: компромиси за темата РС Македонија не се прават додека не се промени политиката на Скопје кон Бугарија“, категоричен е Каракачанов.

Тој нагласи дека за целото бугарско општество веќе е јасно дека „Кирил Петков не само што не разбира за што се работи, туку има преземено обврски“.

„Во моментов тој цица и се мази, се обидува да направи национално предавство за да покаже дека заслужил што некој  го извадил од никаде и  го направил премиер на Бугарија. Тоа веќе им е јасно на сите“, рече Каракачанов.

Почесниот претседател на ВМОРО очекува бугарското општество да биде критично, бидејќи во текот на сите овие години меѓу 75-84 отсто од бугарските граѓани се категорично против компромиси на тема Македонија.

„ Гласините дека наш национален интерес е да бидеме опкружени со земји-членки на ЕУ поради војната во Украина се целосна глупост и зборува за наивност. РСМ и Албанија се членки на НАТО. Ова им дава гаранција за безбедност, а не членство во ЕУ“, рече поранешниот воен министер.

Каракачанов рече дека сите сакаме да имаме партнери од ЕУ на Балканот, но членството во ЕУ значи исполнување на критериумите.

„Дефинитивно немаме интерес земја како РСМ, која води антибугарска политика, да стане членка на ЕУ. Затоа што сите овие практики на фалсификување на бугарската историја, прогон на Бугарите, претензии кон националните малцинства во Бугарија ќе станат многу посериозен проблем кога оваа земја ќе стане членка на ЕУ“, рече почесниот претседавач на ВМРО.

Тој ја коментираше и тезата на Петков дека треба да и свртиме грб на историјата во име на развој на економските односи.

„Еден авион полета еднаш со осум патници. Ако ова е бизнис, подобро е Петков да се врати таму каде што студирал. Тој си противречи во случајот со РСМ,  се залажува со толку убави приказни за развојот на економските односи“, рече Каракачанов.

Како пример го наведе случајот со природен гас, каде што рече дека премиерот го прави токму спротивното.

„Со природниот гас премиерот договори голема измама. Ја искористи приликата дека Русите сакаат да биде платен гасот во рубљи, па уште пред Гаспром да ја затвори чешмата во Бугарија се договорија. Овие момци ќе не снабдуваат со гас преку наводно швајцарска фирма, каде што работел сегашниот извршен директор на Булгаргаз, преку фирма посредник. Ни велат ќе има гас, но не ни кажуваат по која цена. А, цената, како што проценуваат експертите и ја објавија во јавноста, е за 35 отсто повисока од гасот што го добиваме од Гаспром, изјави Каракачанов за БНТ. 

Според него, има размена на коњ за кокошка.

„Со една авиокомпанија се обидуваат да не убедат дека ова е голем успех и напредок и ќе го оптоварат бугарскиот бизнис со 35% повисока цена на гасот. Тоа е прашање на морал, тоа  е колосална измама. Зголемувањето од 35% значи 100 милиони лева месечно повеќе од сегашните цени или 800 милиони лева до крајот на годината“, рече тој.

Каракачанов рече дека не верува во ниту еден збор на премиерот.

„Не му верувам на Петков, бидејќи го лажеше целиот бугарски народ уште пред да стане премиер дека не е канадски државјанин. Човек што  излажал за вакво суштинско прашање и го прекршил Уставот на Бугарија, зошто да не  лаже за други прашања. Истото го прави и на тема РС Македонија, на тема  природен гас и на тема електрична енергија. Кога ќе  видиме дека кралот е гол. Ах, колку убава промена дојде. Голи се и за жал се тотално неспособни!“, рече Каракачанов за БГНЕС.