Кандидатот за градоначалник на Карпош сака да прави „кафеана“ и од Кејот на Вардар

Kандидатот за градоначалник на општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, отворањето локали (ноќни клубови, ресторани или дискотеки) на кејот на Вардар го стави на листата на своите изборни ветувања. Идејата е, како што рече во емисија на Канал 5, да го „разигра“ овој простор, бидејќи дозволуваат законските услови за бучава.
„Се стремиме, размислуваме за проект со кој би го разиграле кејот на Вардар. Сметам дека е оној наш дел од кејот на општината кој води се до Центар е многу атрактивен и нуди големи можности. Кејот е во ингеренции на градот и јас се надевам и сметам дека на овие избори ќе дојдеме во колерација на нашата општинска, градската и централната власт. Ние со господинот Орце Ѓорѓиевски имавме пар заеднички средби, бевме во Порта Влае во Карпош 1, заедно разговаравме, еден од приоритетите ни е кејот, за кој е штета да е онаков каков што е. Онаа идеја за спортски терени и по некој локал каде што ќе може, што се дозволува во рамки на законот до подоцните часови, младите да се забавуваат таму, место во локалите меѓу згради“, рече Сотир Лукровски.
Практично, со ваквата идеја и изборно ветување Лукровски на некој начин ги отфрли барањата за изградба на железница на кејот, но навести дека тоа е следната цел на кафанската мафија, која го окупираше и урбанизираше изминатите години Градскиот парк, па го остави во руина, па сега бара нов слободен простор, иако кејот е едно од ретките места во Скопје кое остана за рекреација, надвор од концептот „цел град кафеана“.
Лукровски, претставувајќи ја својата визија за општината, најави и решавање на сите затекнати проблеми, како што се хигиената, паркингот и посочи дека се надева на препознавање од страна на граѓаните дека е човек од доверба и нуди транспарентно работење и отворена комуникација.
„Деновиве сме во постојана комуникација со граѓаните, направивме анализи во претстојниот период, нудиме пред се разговор, нудиме транспарентност, нудиме решенија, доаѓам од реален сектор, имам големо искуство од реалниот сектор, имам голем круг на пријатели познавања од доста сфери, се надевам дека ќе препознаат граѓаните човек кому ќе ја дадат довербата за општината, а она што е на моја девиза е работата“, рече Лукровски.
Кандидатот за градоначалник Лукровски, истакна дека паркингот, сметот и бучавата се проблеми во општина Карпош кои ќе се решаваат, со тоа што ќе се направи ревизија на се она што е затекнато.
„Од она што ни се покажа од анкетите во топ пет шест проблеми , без разлика на која урбана заедница се работи во Карпош, во принцип е паркингот и сметот, запуштеноста, бучавата е проблем во овие неколку трговски центри, плочникот во Порта Влае, Млечен ресторан, Лептокарија се појавуваат како проблеми, ќе направиме една ревизија на се она што е во моментов затекнато“, вели Лукровски.