Кандидатот на СДСМ во Карпош води пред ривалот од ВМРО-ДПМНЕ со 10 проценти разлика, покажа анкетата на „Рејтинг“


Кандидатот СДСМ за градоначалник на Карпош, Душко Весковски, води со 10 проценти разлика пред Оливер Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ, покажа анкетата на агенцијата „Рејтинг“. Според теренската анкета, која „Рејтинг“ ја спроведе врз 700 испитаници, 35,7 отсто од анкетираните се изјасниле дека го поддржуваат Весковски, 25,4 го поддржуваат Зафировски, додека на трето место е кандидатот на Левица Дарко Ристовски со 8,6 проценти.

Поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, кој е кандидат на неговата партија ГРОМ, има поддршка од 8,4 проценти, а 1,9 отсто од анкетираните се изјасниле во корист на кандидатот на коалицијата на ЛДП и ДОМ Христа Најденов.

Инаку, 8,6 отсто од испитаниците рекле дека сѐ уште не одлучиле за кого да гласаат.

Што се однесува до советничките листи, 35,3 отсто од анкетираните граѓани се изјасниле позитивно за советничката листа на коалицијата на СДСМ, наспроти 24,9 отсто кои дале доверба на советничката листа предложена од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Советничката листа на Левица има приближна поддршка како и кандидатот за градоначалник (9,3 отсто).

Оваа анкета покажува дека 41,9 отсто од испитаниците сметаат дека работите во општина Карпош се одвиваат во правилна насока, а 17,4 проценти сметаат дека урбанистичкото планирање и уредување на општината е главниот проблем со кој се соочува општината.