Кандидатите за пратеници во Битола најмногу делат маски


Бурни реакции меѓу битолчани откако Игор Дурловски го отвори изборниот штаб на Широк Сокак без да се почитуваат здравствените протоколи

 

БИТОЛА – Во делење маски поминува кампањата за предвремените парламентарни избори во Битола. Кандидатите за пратеници речиси секој ден делат маски на фреквентни улици и во термини кога граѓаните се најраздвижени, пазаруваат или пијат кафе на Широк Сокак.

Па кандидатите наместо да ги промовираат своите програми ги советуваат и потсетуваат граѓаните за протоколите и препораките на здравствените власти за самозаштита од корона вирусот. Објаснуваат како ќе тече процесот на гласање под маски и зошто нема простор за стравување. Некои локални портали делењето на маски од пратениците дури го нарекоа „традиционална активност“ или „препознатлива активност“ на кандидатите за пратеници во делење заштитни маски за битолчани.

Едноставно без видлив концепт, тема и енергија тече кампањата за предвремените парламентарни избори во Битола.

Кандидатите за пратеници на прес-конференции најчесто ги читаат партиските програми, па ветуваат политики на рамномерен развој, дигитални општини, повеќе работни места за граѓаните. Добар дел од темите се прекршуваат врз работата на општината, па опозициските кандидати обвинуваат за тригодишен застој и економски колапс, додека кандидатите од власта прават увид на општинските проекти кои се направени или се во тек на реализација.

Го нема жарот од претходните избори во 2016 година, кога се зборуваше за „бомбите“ и за криминалот, за непотизмот и партиската раскалашеност, за економијата и иселувањето на младите. Кога една од главните битки се водеше за загадениот воздух и за мерките за почист воздух.

Носителот на ВМРО-ДПМНЕ во Петтата изборна единица Игор Дурловски, уште на стартот на кампањата им се обрати на битолчани преку видео порака снимена на Широк Сокак, па подоцна откако во интервју за една телевизија не успеа да се сети кој патен правец од Битола треба да се реконструира, го отвори изборниот штаб на Широк Сокак настрана од сите протоколи за заштита од Ковид-19 , па се насобраа приврзаници, кој со маска кој без маска на лицето и без почитување на физичка дистанца. „Битола од секогаш била предвесник на промените“, напиша Дурловски по настанот. Граѓаните бурно реагираа на случувањата, барајќи поголема свест кај учесниците во кампањата за заштита на јавното здравје.

Радмила Шекринска како носител на СДСМ во Петтата изборна единица, пак, реши да собира поени на темата економија, промовирајќи ги владините политики и мерки за фирмите во корона кризата.

„Од почетокот на ковид кризата ние покажавме дека сме Влада која знае да им помага на фирмите. Од двете бескаматни кредитни линии на Развојна банка досега сме поддржале 78 компании кои во Битола вработуваат околу 1.000 луѓе. Најголемиот дел од нив, 68 проценти, се микрокомпании кои вработуваат до 10 лица. И 1.203 фирми од Битола обезбедија поддршка од Владата за зачувување на работните места, рече Шекеринска. (А.Б.)