Кандидатите за градоначалник во Битола си делат комплименти меѓу себе


Кандидатите за градоначалник на трибината како Битола да стане вело град

Изненадувачки „културна“ кампања за локалните избори во Битола: без навреди, без дискфалификации; како „пријателски политички натпревар“

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Фалбаџиска кампања се тера за локални избори во Битола. Кандидатите за градоначалник кој повеќе кој помалку само се фалат, но во исто време си делат и комплименти меѓусебе.

Поагресивните напади и навреди што беа својствени за изборите наназад, во првиот дел од изборната кампања ги нема, нешто што според битолчани не било својствено за една „политичка игра“. Сведоци сме дека во минатото симпатиите на гласачите се добиваа и на таа реторика, кој подрско ќе го навреди противникот. Овој пат обидете да се нападне и дисквалификува противникот се незначителни.

Она што остава впечаток е дека кандидатите за градоначалник си тераат „позитивна кампања“, а нивните „валканици“ ги пласираат портпаролите на политичките партии. Познавачите на општествено-политичките прилики во градот оценуваат дека партиските штабови се свесни дека на граѓаните им е преку глава од политички митинзи, маалски собирања, одење од врата на врата, па дури и нивната агресивна кампања на социјалните мрежи, па затоа проценуваат дека граѓаните се желни да чујат нешто убаво, нешто позитивно и напредно и дека токму тоа ќе им донесе резултати.

„Ако оценувам со спортски жаргон, во Битола се игра ‘пријателски политички натпревар’. Тоа ви е исто како кога на стадионот под Тумбе Кафе на една иста трибина ќе ги седнете навивачките групи од двете екипи, а натпреварот ќе си помине без инцидент“, оценува Панде Димитровски, уредникот на весникот за хумор и забава  „Без навреда“ .

Несвојствено културна кампања, е оценката и на културниот работник и активист Тоше Ивановски за досегашниот тек на кампања во Битола.

„Ова што го гледам е крајно позитивна кампања, без вулгарности, навреди и препукувања меѓу кандидатите. Сѐ тече во промоција на своите програми и идеи и што е најинтересно покажаа слух за граѓанската иницијатива, со еден збор култивирана кампања“, рече Ивановски.

Виктор Илиев од „Иницијативата Битола на точак“ ги собра на едно место кандидатите за градоначалник на Битола со цел да се чујат нивните проекти и ветувања за Битола вело град.

„За разлика од минатите избори, мислам дека оваа кампања е покултурна. Има некое ниво кое се почитува и црвени линии кои не се преминуваат. Не гледам неосновани напади и вулгарности. Во вториов дел ќе видиме. Обично на крајот се разжештува“, вели Илиев.

Првиот чекор да го дискфалификува противникот се обиде да го направи кандидатот на ВМРО ДПМНЕ Тони Коњановски кон бизнисменот Христо Кондовски од СДСМ. Коњановски обраќајќи се кон јавноста порача дека нема да биде бизнисмен кој општината ќе ја раководи како фирма за остварување профити и делење проценти.

„За мене Општината не е фирма, општината не е бизнис, општината е јавен сервис кој треба да ви служи вам“, рече Коњановски.

На ова ни со еден збор не возврати Кондовски, туку портпаролот на СДСМ Дејан Србиновски го врати ударот кон Коњановски. „Ние никогаш не ја оспоривме неговата медицинска стручност и знаење. Ние не го обвинивме дека среде најголемата пандемија со Ковид-19, наместо да ја врши својата работа како епидемиолог, се впушти во политичка битка“, рекоа од СДСМ.

Кандидатот за градоначалник на ЛДП, Горан Милевски, актуелен министер за локална самоуправа, јавно го пофали Кондовски бидејќи ветувајќи го проектот за Ски центарот „Ниже Поле“ и најавувајќи современа опрема за заснежување и правење вештачки снег, рече дека сето тоа ќе го прави во соработка со Министерството за локална самоуправа, проект на кој Милевски како министер работел во изминатиот период.

„Добро е што забележав дека иницијативата за зимски туризам за Ниже Поле, на кандидатот Христо Кондовски ќе се работи заеднички со Министерството за локална самоуправа. Тоа е за пофалба, оти јасно е потенцирано дека ќе се работи заеднички со Министерството. Навистина тоа беше наша иницијатива, наш проект, да го направиме заедно со градот и другите институции, зашто Битола заслужи заеднички да го заживееме зимскиот туризам на Пелистер“, рече Милевски давајќи оценка за проектите кои ги ветува Кондовски. 

Во досегашната кампања битолчани, сепак, слушнаа и многу фалби што кандидатите си ги кажаа сами за себе од типот „Се што ќе ветам исполнувам“ или „Кај мене зборот е збор“. Интересен во реториката е кандидатот на СДСМ кој не ја крие неговата проценка дека  „битолчани знаат дека им треба млад, енергичен и ефикасен менаџер кој забрзано ќе ја возобнови Битола. Едвај го чекам првиот работен ден да почнам да работам за Општина Битола, за граѓаните“, рече Кондовски на митинг пред насобраните граѓани.