Кандидатите за градоначалник на Битола го ветуваат она што не го исполнија Петровска и Талески


Христо Кондовски од СДСМ кампањата ја почна пред Офицерскиот дом кој го реконструираше сегашната градоначалничка Наташа Петровска

Тројцата главни кандидати за прв човек на Битола во своите програми ги вметнаа проектите кои се повторуваат како на филмска лента

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Нов генерален урбанистички план, базен, подземни гаражи и решавање на проблемот со паркирањето, гасовод, топловод, пречистителна станица, велосипедска мрежа, чиста и зелена Битола, ски центри на Пелистер… Овие проекти по кој знае кој пат им се ветуваат на битолчани и на овие локални избори.

Силен е впечатокот дека во Битола пред секои локални избори се ветуваат едни те исти проекти, и за жал добар дел од нив сѐ уште не се направени. Така и на првиот дел од изборната кампања тројца од шесте кандидатите за градоначалник на Битола ги вметнале во своите програми проектите кои се повторуваат како на филмска лента.

Сѐ она што не успееја да го исполнат во целост или делумно ни актуелната градоначалничка Наташа Петровска ни екс-градоначалникот Владимир Талески сега се  повторно во „игра“. Всушност, тоа се три мандати на Талевски и еден мандат на Петровска.

На првиот ден од кампањата кандидатот за градоначалник на  Битола од редовите на СДСМ , Христо Кондовски, ветува проекти за економски развој на Битола, подземна сообраќајница со гаража во срцето на Битола, базен, ама и проекти кои беа ветени од СДСМ пред 4 години, но не се направија.    

„Оние кои добро ме познаваат, знаат – тоа што ветувам, тоа го исполнувам! Кај мене зборот е збор! Ви ветувам и се обврзувам на целосно ослободување на севкупниот општински потенцијал преку изработка на нов генерален урбанистички план како услов за економски развој и просперитет на Битола. Пробивање на подземна сообраќајница кај хотел ‘Епинал’ и изградба на подземна гаража! Ќе изградиме мултифункционален спортски центар во кој се предвидени фудбалско, кошаркарско и тениско игралиште, затворен базен и аква парк, како и хотелски комплекс“, најави Кондовски.

Прес-конференцијата на Кондовски беше пред реконструираниот Офицерски дом во Битола, па поздравувајќи го сработеното од градоначалничката во заминување Наташа Петровска рече дека сето она што е како програмска определба да се управува преку јавното претпријатие со Офицерскиот дом го поддржува и ќе го продолжи.

„Офицерски ќе прерасне во културен центар на Битола со безброј настани, каква што ќе биде побарувачката од граѓаните. Ќе се издава, ќе се работи, сѐ што има потреба од културните работници“, рече тој. 

Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека негов приоритет е да се гасифицира и топлифицира Битола

Топлификацијата во Битола, беше проект наголемо промовиран од ВМРО-ДПМНЕ и Владимир Талески на изборите за негов втор и трет мандат. Талески формира и јавно претпријатие, назначи дури и директор, па ископа и по некоја дупка низ градот за да каже дека почнал со градба. Дупките ги затрупа снегот, а битолчани сѐ уште се греат главно на дрва. И актуелната власт многупати го актуелизираше проектот за битолскиот топловод, но за жал сѐ поизвесно е дека и оваа зима Битола нема да има централно греење, ниту пак спас од загадениот воздух. Затоа пак топловодот останува ветување и за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски.

„Наш приоритет е да ја гасифицираме и топлифицираме Битола. Знам дека тоа  е голем чекор за здрава и еколошки чиста Битола, но чекор кој ветувам ќе го направиме!

Проектите кои што требаше да бидат капитални за градот не се направија, а ние секако дека ќе ги отпочнеме. Пречистителната станица и топлификацијата се  проекти кои за жал изминатата гарнитура не успеа да ги отпочне со реализација. Се надевам дека барем ќе ги отпочнеме и до одредено ниво ќе ги реализираме тие проекти. Особено ми е важно, во сите проекти кои се реализираат да бидат вклучени професионалци, луѓе од еснафот помогнати од научната мисла, а не калкуланти кои имаат само една цел, а тоа е злоупотреба на Општината за реализација  на лични профити“, рече Коњановски.

На картата ветено, а нереализирано, игра и кандидатот за градоначалник на ЛДП и ДОМ Горан Милевски, кој дел од неоствареното го лоцира во самото функционирање на локалната самоуправа, па ветува ефикасна, брза и модерна администрација. Критикува дека за четири години во Битола не дојде ниту една нова инвестиција во градот, ама и тоа дека градот е нечист, па вели сликата за „нечист град“ мора да ја промениме.

„Она што е ветено, а пред сѐ е неисполнето решавањето на проблемите што ги имаат приватниците, забрзување на постапките за генералниот урбанистички план, деталниот урбанистички план, давањето на дозволи, но и нудењето на проекти кои ќе привлечат и домашни, но и странски инвестиции во овој град. Во овие четири години не направивме нова инвестиција која што ќе значи нови работни места и тука сакам да го ставиме еден од акцентите – да ја отвориме општината за приватниот сектор, она што го сака, а не го нарушува просторот, екологијата. Да овозможиме да градат луѓето и да вработуваат и се разбира градот да има приход“, рече Милевски.