Канада објави „поправено“ писмо од руски дипломат, Русија бесна


Русија ја обвини Канада за дипломатија „на ниво на градинка“ во спорот на Твитер поради објавувата од канадската мисија во Обединетите нации на социјалните мрежи.

Кавгата изби поради писмо во кое руски дипломат бара поддршка за нацрт-руската резолуција за помош на Украина. Канада го објави писмото на Твитер со „предложени промени“. Рускиот дипломат тоа го нарече „русофобна клевета“.

Слика од писмото беше објавена вчера на официјалниот Твитер профил на канадската мисија во ОН. Писмото, потпишано од рускиот дипломат Василиј Небензија, претходно беше испратено до сите членки на ОН. Во него Небензија вели дека „пишува за итно прашање поврзано со ужасната хуманитарна ситуација во и околу Украина“. Канадската мисија додаде белешка во истата линија: „која ја испровоциравме со нашата нелегална агресија“.
Во писмото понатаму се наведува дека „западните колеги го политизираат хуманитарното прашање“. Канада на тоа додава: „Дали мислите дека членовите на ОН навистина веруваат во тоа? Ве молиме објаснете“.
Дмитриј Полиански, првиот заменик постојан претставник на Русија во Обединетите нации, одговори на овој твит велејќи дека „покажува дека канадските дипломатски вештини и доброто однесување се на најниско ниво“.

Со објавувањето на писмото, Русија сакаше да ја зголеми поддршката за нацрт-резолуцијата за обезбедување хуманитарна помош за Украина, за која денеска треба да се гласа во Советот за безбедност на ОН. Резолуцијата беше критикувана од западните земји затоа што не ја споменува одговорноста на Русија за војната, пренесува Индекс.хр.