Канада би можела да влезе во војна на Блискиот Исток? „Невозможно е категорично да се исклучи“
Канадскиот премиер Марк Карни изјави во четвртокот дека не може да исклучи воено вмешување на неговата земја во ескалацијата на војната на Блискиот Исток.
Посетата на Карни на Австралија оваа недела беше засенета од растечката војна на Блискиот Исток, предизвикана од големиот американско-израелски напад врз Иран во кој беше убиен неговиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи.
На заедничката прес-конференција со својот австралиски колега Ентони Албанезе во Канбера, Карни одговараше на прашање дали постои ситуација во која Канада би се вклучила во конфликтот.
„Невозможно е категорично да се исклучи вмешаноста“, рече тој, нагласувајќи дека прашањето е „хипотетичко“. „Ние ќе застанеме со нашите сојузници“, рече Карни, додавајќи дека „секогаш ќе ги браниме Канаѓаните“.
Намалување на зависноста од САД
Карни рече дека нападите на САД и Израел врз Иран „не се во согласност со меѓународното право“. Сепак, ги поддржува напорите за спречување на Иран да се обиде да развие нуклеарно оружје, став што Канада го зазема „со жалење“ бидејќи претставува „уште еден пример за неуспехот на меѓународниот поредок“.
Во четврток, канадскиот лидер го повтори својот повик за „деескалација“ во конфликтот. Целта на турнејата на Карни низ Азиско-пацифичкиот регион е да се намали зависноста на Канада од САД за да се заштити земјата од, како што рече тој, губењето на светскиот поредок предводен од САД.
Целта на австралиската етапа од турнејата е да се обезбедат инвестиции и да се продлабочат врските со партнер од „средна сила“ со кој Канада дели многу ставови.