Камион пропадна во подната фонтана на Градскиот плоштад


Камион со турски регистерски таблички утрово пропадна во подната фонтана на плоштадот „Македонија“. Тој е дел од тимот на турска филмска продукција која снима филм во Скопје.

За таа цел, во моментот се оградува просторот на кејот на Вардар, помеѓу реката Вардар и зградата на Македонски телеком.

Допрва градските власти ќе треба да обелоденат зошто ѝ е издадена дозвола на филмската продукција со своите возила да поминуваат низ плоштадот. Во фонтаната веќе по четврти пат пропаѓа возило.

Претходно, во неа пропадна камион кој носеше опрема за фестивалот на пивото „Пиволенд“ и тоа на крајот на август годинава, потоа, лани во март пропадна камион за чистење на плочникот на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, а во 2017 година пропадна камион додека се подготвуваше пречек на ракометарите на Вардар по освоената шампионска титула.