Камчев како Кичеец – стана жител на Охрид за да лежи една година во затворот во Струга


 

Затворот во Струга, кој е од полуотворен тип, веројатно ќе биде установата каде што Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ ќе ја одлежат казната од една година по спогодбата за случајот „Империја“. Тие ги смениле адресите на живеење од Скопје во Охрид за да може да добијат нов упатен акт за издржување на казната.

„До Основниот кривичен суд Скопје на 05.05.2022 година од бранителите на Ј.К. и Н.Ј., осудените со пресудите врз основа на предлог спогодба во наведениот предмет, доставено е известување за промена на адресата на живеење и тоа од адреси во Скопје на адреси во Охрид. Судот ги изврши сите неопходни увиди за да ја потврди доставената информација, а по констатирање дека осудените лица во текот на постапката извршиле промена на адресата, Кривичниот суд, согласно член 7 став 2 од Законот за извршување санкции, според кој надлежен суд за извршување на санкцијата е судот според местото на живеење, денеска го достави предметот на понатамошно надлежно постапување на Основниот суд во Охрид“, соопштија од Кривичниот суд.

Камчев и Јосифовиќ требаше да се јават во затворот во Шутка во Скопје на 1 јуни. Ова е истиот принцип како и во случајот со Зоран Милески – Кичеец кој призна вина во случајот „Рекет“ и доби тригодишна затворска казна. И тој првично од Основниот кривичен суд во Скопје доби упатен акт за затворот во Шутка, но во меѓувреме ја промени адресата, па потоа охридскиот суд му издаде нов упатен акт затворската установа во Струга.