Камчев бара нов пасош за да тера бизнис во Швајцарија и во Турција


Орце Камчев од неодамна е на црната листа на САД
Бизнисменот- осомничен во „Империја“ Орце Камчев бара уште еден привремен пасош од судот, јави ТВ 24. Планира во следната година да патува на веќе закажани бизнис- состаноци во Турција, Швајцарија.
Шестмесечниот пасош за кој доби зелено светло од Катица Јанева му истекува утре. Дали повторно треба да добие ист ваков пасош ќе одлучи судот по мислење на обвинителката Лиле Стефанова.
– Стасано е кај мене барањето. Треба да се соберат податоци да се напише одговор. Ако ми е потребна помош може и да се реферира кај републичкото обвинителство, па да се испрати до Кривичниот суд на одлучување – вели обвинителката Лиле Стефанова за ТВ 24.
Каде е сега Камчев не знае обвинителката Стефанова и вели дека до утре му важи одобрената патна исправа. Неговата одбрана гарантира дека е во Македонија и дека до сега изминатите шест месеци со привремениот пасош излегол повеќе од 40 пати и се вратил во земјава.
Токму поради позитивните одлуки да излезе од притвор и да му се даде пасошот, Катица Јанева од шефица на СЈО заврши како обвинета во аферата „Рекет“, заедно со Боки 13 и Зоран Милевски.