Каматите во август намалени и кај кредитите и кај депозитите


Бизниси, домаќинства, производители и продавачи ќе имаат корист од зајакнатиот пристап до информации достапни на повеќе од 10 јазици

Просечната каматна стапка на кредитите во август годинава изнесува 4,73 проценти и бележи месечен пад од 0,002 и годишен од 0,04 п.п., објави Народната банка. Според обајвените податоци, каматите кај депозитите бележат пад од 0,06 п.п. на месечно ниво и изнесува 0,99 отсто,на годишно ниво има намалување од 0,39 п.п.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити овој месец изнесува 3,94 отсто и има месечно и годишно намалување од 0,04 п.п., односно 0,67 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените  депозити забележа месечен пад од 0,15 п.п. и се сведе на 0,54%. Споредено со истиот период од минатата година, таа е намалена за 0,56 п.п.

Кај корпоративниот сектор просечната каматна стапка на вкупните кредити во август изнесува 3,85 отсто и на месечна основа има намалување за 0,04 п.п. Надолната промена се должи на падот кај сите компоненти на оваа каматна стапка: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,05 п.п.), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,04 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Во споредба со истиот период од претходната година, оваа каматна стапка е пониска за 0,53 п.п.

Во август годинава, каматната стапка на новоодобрените кредити на  корпоративниот сектор бележи месечен пад од 0,06 п.п. и изнесува 3,58 отсто.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, во август бележи намалување за 0,14 п.п. на месечно ниво и изнесува 1,15 отсто. Месечниот пад произлегува од намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,42 п.п.) и каматните стапки на депозитите во денари без валутна клаузула (за 0,04 п.п.), при непроменета каматна стапка на денарските депозити со валутна клаузула. Во споредба со август минатата година, оваа каматна стапка бележи пад од 0,43 п.п.

Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор во август изнесува 0,41 отсто и оствари месечно намалување од 0,16 п.п., во споредба со јули.

Кај домаќинствата каматната стапка на вкупните кредити, во август забележа месечен пад од 0,01 п.п. и изнесува 5,55 отсто. Просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата во август има месечен пад од 0,05 п.п. и изнесува 0,98 отсто. Просечната каматна стапка на новопримените депозити на домаќинствата изнесува 0,66 отсто и во споредба со јули годинава забележа пад од 0,13 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити на домаќинствата е пониска за 0,57 п.п., споредено на годишна основа.