Каматата не смее да биде поголема од долгот, предлог на група пратеници
„Кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески кој е еден од предлагачите на измените и доболнувањата на Законот за облигационите односи појасни што тоа всушност значи.
– Ова во практика би значело дека нема повеќе да има ситуации каде некој граѓанин за долг од, на пример 500 денари, да плаќа 5.000, 8.000 па и 10.000 денари по основ на камати. Со предложените измени предлагаме каматата да не смее да биде повисока од долгот- рече Митрески.
Примената на Законот е предвидена од октомври, 2021 година.
– Со него се решава една долгогодишна неправда кон бројни категории граѓани, се решава еден голем и тежок проблем на учесниците во правниот промет – рече Митрески.
Законот е 20 точка на дневен ред на денешната седница на Собранието која е блокирана од опозициските партии. ВМРО-ДПМНЕ не доаѓа на седниците на Собрание поради тоа што собранискиот спикер не дозволи да се расправа за оставката на министерот за здравство Венко Филипче дадена по пожарот во ковид центарот во Тетово во кој загинаа 14 лица.