Калиопи им запеа на актерите од Белград: „Беле руже“ за ќеф на Мима Караџиќ


Вечерва и утревечер, Белградско драмско позориште ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар со претставата „Лет над кукавичкото гнездо“.

 

Актерската екипа веќе пристигна во Скопје, а вчеравечер имаа можност да уживаат во добра музика, вкусна храна и традиционалниот амбиент во еден скопски ресторан.

Актерот Милутин Мима Караџиќ сподели неколку снимки на социјалната мрежа Инстаграм со кои, барем на кратко, ја пренесе веселата атмосфера. Исто така, во нивно друштво се најде и нашата поп-дива Калиопи Букле, која е долгогодишна пријателка на Караџиќ.

„На мое големо задоволство, мојата драга Калиопе. Јас сум единствен кој ја нарекува Калиопе. Мојата љубов, мојата убавина, мојата драга и најдобра пејачка во Југославија“, вели Караџиќ во снимката.

Секако, вечерта не би била совршена без прекрасниот глас на Калиопи, која ја испеа „Беле руже“ од легендата на српската народна музика, Предраг Цуне Гојковиќ.

„За душа, за сите души и за сите срца“, напиша актерот Мима Караџиќ во описот на снимката.

Имено, за оние кои би сакале да ја изгледаат претставата „Лет над кукавичкото гнездо“, изведбите ќе започнат во 20.00 часот, иако картите за двете вечери се распродадени.

Таа е во режија на Жанко Томиќ создадена по текстот на Кен Кеси и Дејл Васерман.

„Станува збор за црна хумористична сатира за поединецот во репресивното општество, институциите за ментално здравје и слободата на духот“, велат од Македонскиот народен театар.

Главниот лик на Редни П. Мекмарфи го игра Драган Бјелогрлиќ, а во останатите улоги играат Слободан Бода Нинковиќ, Милан Чучиловиќ, Даниел Сич, Милутин Мима Караџиќ, Младен Совиљ, Срѓан Дедиќ/Јово Максиќ, Саво Радовиќ/Милош Петровиќ Тројпец, Ненад Гвозденовиќ, Милица Зариќ, Јана Милосављевиќ, Владан Милиќ, Милош Лазаров/Урош Јанковиќ, Зоран Ѓорѓевиќ, Анка Гаќеша-Костиќ/Ања Алач, Нада Мацановиќ/Маја Ранѓиќ.

Драмата е напишана во 1962 година, a првата изведба се случила во 1963 година на Бродвеј со Кирк Даглас во главната улога. Премиерно во изведба на Белградското драмско позориште, „Лет над кукавичкото гнездо“ беше одиграна на 5 ноември 2005 година на големата сцена „Оливера и Раде Марковиќ“ во Белград.

 
 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Mima Karadzic (@karadzicmima)