Kалин Ивановски го освои ИТФ турнирот во Скопје
Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски е победник на Фјучерсот во Скопје. Ивановски попладнево во финале го победи Саша Вајнебург од Франција со 2:0, по сетови или 7:6(2) и 6:4.

Мечот се одигра на терените на ТК Југ и траеше 1 час и 46 минути.
Македонецот беше четврти, Французинот трети носител на турнирот со награден фонд од 25.000 долари.
Ивановски е прв македонски тенисер со трофеј на Фјучрс во Скопје по пауза од 15 години.
Ивановски имаше силна поддршка од трибините, за што се заблагодари по натпреварот.
„Благодарност до сите кои го направија овој турнир голем за Македонија. Благодарам за оваа седмица и до Саша, одигравме добар тенис. Двајцата работиме врвно и одигравме одлично финале, но јасно е дека само еден може да победи. Се надевам ќе се сретнеме повторно во иднина“, рече Ивановски, додавајќи дека во наредниот период ќе се посвети на репрезентацијата и натпреварите во Девис Купот.
Инаку по победата на турнирот во Скопје се очекува Ивановски да напредува на АТП листата, односно да влезе меѓу најдобрите 400 на светот.