Калфин: Бугарија губи во ситуацијата со С. Македонија, а други земји ја користат како изговор

Бугарија е губитник во сегашната ситуација и ќе остане запишана во историјата како земја што ги запре преговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, иако сакаше да биде лидер и да го води процесот на евроинтеграција на Западен Балкан, оценува поранешниот бугарски министер за надворешни работи Ивајло Калфин.

Во изјава за БНТ, Калфин вели дека бугарската позиција им одговара на други земји, кои исто така не сакаат да продолжи процесот на проширување на ЕУ, но ја користат Бугарија како изговор за тоа.

– Објаснувачкиот меморандум на Бугарија за нејзините проблеми со Северна Македонија испратен до членките на ЕУ е несфатлив за повеќето Европејци и наместо да го постигне посакуваниот ефект, тој нè изолираше. Бугарското вето исто така ги зајакна антибугарските чувства во Скопје и додаде вода во воденицата на „србоманските кругови“. Во моментов користиме француски клуч за да одвртиме завртка што се одвртува со шрафцигер, наведува Калфин.

Софија, според него, треба да бара друга форма за решавање на билатералните прашања со Скопје.

Смета дека нема време да се постигне решение за тргање на ветотото до утрешниот Самит на ЕУ. Посочува дека бугарски владини претставници јавно кажале дека Софија ќе чека Северна Македонија да почне да се однесува поинаку, а и македонскиот премиер Зоран Заев рече дека прашањето ќе остане за по изборите во Бугарија.

– Проблемот е во тоа што и ние и Република Северна Македонија ризикуваме да се лизнеме по линијата на пропагандата и идеологијата што владеат со двете земји многу години. Историјата и јазикот се важни и властите треба да ги заштитат, но, сепак, бугарските аргументи се неразбирливи за европските партнери, нагласува поранешниот шеф на бугарската дипломатија Ивајло Калфин.