Калајџиев: Тезата дека сообраќајката немала да се случи ако Васил добил затворска казна е неточна
Јованов возел со 0,9 промили алкохол во крвта кога ја удрил девојката, а состојба на пијанство е над 1,5 промили
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2019/08/Gordan-Kalajdziev-1-bg_resize.jpg)
-Тезата дека сообраќајката немала да се случи ако возачот добил затворска казна е неточна и лаичка! Тој се уште не е правосилно осуден и се чека одлука од Апелација. Тоа значи дека и да добил затвор ништо немало да се промени, објави Калајџиев на социјалните мрежи.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски вчера информираше дека Обвинителството ќе поведе постапка и против родителите на Васил. Според него, Обвинителството ги презело сите неопходни мерки за прибирање и анализа на доказниот материјал, вклучувајќи видео материјали и експертизи за брзината на движење на возилото. Тој рече дека би подлегнало на одговорност тоа што на обвинетиот му се пружило средство за предизвикување општа опасност.
– Постапката што се води против обвинетиот за ова кривично дело е проширена за да се испита влијанието и дејствијата на родителите во насока во која што му е овозможено на тоа лице да има средство кое што предизвикува општа опасност, изјави Бубевски во „Топ тема“.
Тој исто така појасни дека Јованов возел со 0,9 промили алкохол во крвта во моментот која ја удрил девојката на пешачкиот премин на булеварот „Партизански одреди“. Бубевски додаде дека „состојба на пијанство е над 1,5 промили“.
Иако во јавноста се шпекулираше и беше изнесена информација дека Васил возел со 130 километри на час во кобните моменти, Бубевски појасни дека се уште не е позната точната брзина.