Како златните маски од Требениште ги обединија Скопје, Софија и Белград

Извонредната изложба за спектакуларните наоди од некрополата кај Охрди покажаа дека историското и културното наследство може и да обединува, а не само да раскарува


 

Три земји ги здружија силите за да организираат заедничка изложба поврзана со културното и историското наследство. Тоа немаше да биде чудно ако трите земји не беа Бугарија, Македонија и Србија. Изложбата веќе беше во Скопје, сега е изложена во Националниот археолошки институт со музеј во Софија и ќе биде во посета на Белград. На изложбата „Требениште. 105 години од отворањето на некрополата во Требениште, 1918 – 2023 година“ е претставено богатството од некрополата „Требениште“ кај Охридското Езеро, каде што биле закопани благородните воини кои живееле во 6-5 век п.н.е.

Во поголем текст бугарски „Дневник“ опишува како дојде до тоа музеите од трите земји да ја организираат оваа изложба и да ѝ ги претстават на јавноста овие извонредни археолошки наоди. Златните маски не се само од Требениште, туку од посебните гробови на лицаи од други простори, како онаа на тракискиот крал Севт III од тумбата „Светица“ кај Казанлак во Бугарија. Маските се дел од окултниот ритуал за премин на душата на покојникот во задгробниот живот. Некрополата Требениште 2.500 години била скриена во земја покрај патот, кој подоцна станал дел од познатиот римски пат Виа Игнација.

„Дневник“ пишува дека првиот богат гроб бил случајно откриен од бугарските војници на 20 мај 1918 година. За време на Првата светска војна бугарската војска ја окупираше неколку години Македонија, која тогаш беше клучниот дел од Солунскиот фронт. Војската испратила инженерска единица за зајакнување на патот Охрид-Кичево во делот меѓу селата Горенци и Требениште. Додека ваделе камења, војниците стигнале до дрвениот покрив на една погребна комора. На дното – златна маска, огромен златен сад, украси, килибар, шлем, керамика… Наодот веднаш бил пријавен кај тогашниот бугарски окружен охридски гувернер Евтим Спространов.

Гробот е проучуван според сите методолошки правила на тогашната наука – стратиграфијата е илустрирана со фотографии од секој слој.

 

Богдан Филов (кој години подоцна ќе стане премиер на профашистичката влада на Бугарија) тогаш бил директор на Националниот археолошки музеј во Софија. Тој веднаш го испратил чешкиот истражувач Карел Шкорпил во Требениште да продолжи со истражувањето. Откриени се уште шест богати некрополи. Во август 1918 година, сојузниците ги пробиваат бугарските линии на фронтот во Македонија, па бугарските трупи се повлекле, Шкорпил ги спакувал наодите и ги пренел прво во Скопје, а потоа во Софија. Досега се чуваа во фондот бугарската академија.

Бугарскиот медиум пишува дека Богдан Филов во 1927 година објавил во Берлин статија на германски јазик за архаичната некропола во Требениште, која веднаш станала сензација за археолозите ширум Европа. Охрид веќе беше дел од Вардарската бановина на Југославија и таму беше испратен српскиот археолог Никола Вулиќ. Тој откри уште шест богати воени гробови со златни маски, апликации и опрема. Наодите биле испратени во Народниот музеј во Белград.

По Втората светска војна, во 1950-тите и 1960-тите, некрополата и нејзината околина ја проучувале археолозите од Охрид – Васил Лахтов, Владо Маленко, Петар Алчев, а подоцна и Паско Кузман. Откриле десетици, но со посиромашен инвентар, гробови од VI-V век п.н.е. Во некои има и човечки останки, додека во богатите гробови ги нема. Овие наоди се наоѓаат во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и во Археолошкиот музеј во Скопје.

Богатството во погребните комори покажува дека областа на Охридското Езеро била важен центар на главните патишта во антиката – од Јадранскиот брег до Егејското Море и Босфорот, како и север до Косово и рудниците во планините на денешна Босна и Херцеговина. Закопаните биле воини кои го контролирале патот и стоката што се транспортирала.

 

Што се однесува до етничкото потекло на закопаните благородни воини, бугарскиот доцент д-р Христо Попов од БАН вели дека тие најверојатно не се антички Македонци ниту пак припадници на тракиските племиња. „Тие веројатно се илирски племиња кои се пред македонска држава, пред тракиската држава Ситалк да се прошири во 5 век п.н.е за кратко време на запад“, вели Попов.

Тој смета дека не станува збор за хеленска култура, туку за западнобалканска со хеленски елементи кои ги има и во Тракија. „Самата некропола Требениште има уште многу да раскажува“, вели Попов.

Професорот Попов раскажува како дошло до заедничката организација на изложбата: „Перо Арџанлиев, млад археолог од Охрид, нѐ контактираше нас и колегите од Белград и ни предложи за претстојната 100-годишнина од отворањето на некрополата (во 2018 година), сите наоди во музеите на трите земји да се спојат заедно во изложба.

Како изгледал еден од гробовите во некрополата во Требениште

Ако некој од нас речеше ‘Не, нема да учествуваме’ – било да е Скопје, Софија или Белград, ништо немаше да се случи. И подадовме рака затоа што културно-историското наследство е најдобрата политика и ако сме интелигентни ќе ја разбереме“, вели тој.

Така, 100 години по откривањето на богатството од Требениште, неговата историја започнува одново – со подадена рака меѓу трите земји за широка соработка.

„Повеќе од шест години работа, колегите и пријатели од Македонија, Србија и Бугарија се обединија во јадро од 14-15 луѓе од три институти – Народниот музеј во Белград, Историскиот музеј во Скопје и тој од Софија. Финансиски и организациски помогнаа и министерствата за култура и образование“, додава тој.

Изложбата „Требениште“ првпат беше прикажана во Скопје, сега е во посета на Софија до крајот на март, а во 2025 година ќе биде во Белград.