Како Србија успеа да го спречи ширењето на африканската свинска чума

Откако беше откриено ширењето на инфекцијата, 38.000 свињи се еутанизирани во Србија, изјави српската министерка за земјоделство Јелена Танасковиќ


Србија успеа да го спречи ширењето на африканската свинска чума, изјави во неделата српската министерка за земјоделство Јелена Танасковиќ.

„Откако беше откриено ширењето на инфекцијата, 38.000 свињи се еутанизирани во Србија“, изјави Јелена Танасковиќ за РТС.

Министерството и инспекциските служби воспоставија систематска одбрана на големите фарми, што даде резултати, а државата редовно им исплаќа отштета на сопствениците чии свињи се на помали фарми, додаде министерката.

Таа тврди дека „нема повеќе паника“ меѓу одгледувачите на свињи.

Министерката најави дека државата ќе продолжи да ги охрабрува земјоделците со субвенции.

Земјоделски експерти и економисти на крајот на август предупредија дека поради африканската чума во Србија ќе биде уништен најмалку 1,5 отсто од фондот во свињарството, а увозот на живи свињи е за 45 отсто поскап од лани.

Најавено е дека сегашното поскапување на свинското месо во Европа за 30 до 40 отсто ќе се одрази и во Србија, иако проценките во колкав процент не беа прецизирани.

„Одгледувачите и трговците дефинитивно ќе ја земат предвид економската моќ на населението. Цените ќе растат, но ќе бидат на разумно ниво, имајќи го предвид континуираниот пад на куповната моќ на граѓаните во последните шест месеци“, рече Бојан Станиќ од Стопанската комора на Србија, пренесува Хина.

Според полугодишниот пресек на потрошувачките цени во периодот јули 2022 – јули 2023 година, годишната стапка на инфлација во Србија изнесува 12,5 отсто.