Како Силјановска-Давкова си го нарушува легитимитетот со тврдењата за владиниот легитимитет

Само во последниве година-две во европската политика имаше неколку драматични промени во владеењето на исти партии, но не се зборуваше за загубен легитимитет


Гордана Силјановска-Давкова на собраниската говорница

 

Има или нема предложената влада на Димитар Ковачевски легитимитет во Собранието е едно од клучните прашања за кои пратениците на опозицијита и власта дебатираат викендов во Собранието. Од политичка гледна точка за стекнување предност во тоа нема ништо невообичаено, ниту лошо. Прашањето е како тие ставови ќе се претстават и поткрепат.

Несомнениот уставен експерт, Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, од пратеничката говорница во саботата ги образложуваше ставовите зошто владата, според неа, е во сериозна легитимациска криза, наведувајќи теоретски заклучоци.

Дел од нејзините образложенија за „тешката легитимациска криза“ беа и овие: 

„Прво, оваа влада не може да го наследи легитимитетот од претходна влада, таа не може да ги делегира, бидејќи премиерот си замина од лична одговорност, а не поради друга функција. Второ, кога се конститураше власта во неа беше Беса, неа сега ја нема во Владата што значи гласачите сега не се гласачи на оваа коалиција и легитимитетот е нагризен; ја има Алтернатива за која не знаеме што мислат граѓаните за нејзино трансформирање во власт“.

Во теоретското образложување тоа може да изгледа и така. Но во политиката, особено европската политика, тоа е сосем поинаку. Примерите од европската политика од само последниве година-две, се сосема поинакви од она што го тврди професорката и пратеник Гордана Силјановска-Давкова.

Еве ги најилустративните:

 

ИТАЛИЈА – Професорката Силјановска-Давкова веројатно знае дека од февруари 2021 година премиер на Италија е Марио Драги, поранешен претседател на Европската централна банка. Драги не учествуваше на последните избори во Италија, ниту пак беше дел од структурите на некоја партија. Кога падна владата Џузепе Конте претседателот Серџо Матарела го номинираше тогаш веќе пензионерот Марио Драги да ја формира новата влада за да ја извлече земјата од кризата, а да не се оди на избори. За оваа година Марио Драги неверојатно успешно ја води владата. Но таа влада не е технократска, туку целосно политичка, составена од претставниците на шест политички партии претставени во парламентот. Во владата на Драги има и 9 министри од претходниот кабинет, повеќе нови лица и неколку технократи. Во Европа Марио Драги сега се слави како премиер кој носи економска и политичка стабилност не само во Италија, туку и на целиот континет.

 

АВСТРИЈА – Силјановска-Давкова и другите опозициски пратеници што ги повторуваат истите ставови за легитимитетот, би требало многу добро да ја знаат судбината на австрискиот канцелар Себастијан Курц. Тој беше толку голем пријател на ВМРО-ДПМНЕ што доаѓаше и на нивни изборни митинзи.  Силјановска-Давкова во Собранието велеше дека „оваа влада не може да го наследи легитимитетот од претходна влада, таа не може да ги делегира бидејќи премиерот си замина од лична одговорност, а не поради друга функција“. Чудна работа – Себастијан Курц мораше да си поднесе оставка на функцијата канцелар лани во октомври по жестоките обвинувања за корупција и нарачување на измислени анкети. Тој не замина на „друга функција“, а негов наследник стана министерот за надворешни работи Александар Шаленберг. И тој не издржа многу – едвај два месеци, се повлече и сега премиер е Карл Нехамер, кој беше министер за внатрешни работи. Нехамер, освен што стана нов канцелар, тој стана и лидер на нивната заедничка Австриска народна партија. Коалицијата со Зелените и под Шаленберг и сега под Нехамер остана онаква каква што беше со Курц. Дали и Шаленберг и Нехамер немаат легитимитет или пак владата, ако се суди според теориските објаснувања на Силјановска-Давкова?

 

ШВЕДСКА – Долгогодишниот премиер Стефан Левен лани летото најави дека ќе поднесе оставка на функцијата и дека владата ќе ја преземе нов човек или жена на почетокот на есента. Тоа беше оставка во најава и немаше никаква драма во Шведска. Неговата Социјалдемократска партија на 4 ноември 2021 година ја избра Магдалена Андерсон за нов лидер, на 10 ноември Левен формално поднесе оставка од функцијата премиер. Магдалена Андерсон во дотогашната влада беше министерка за финансии, особено ценета за начинот на кој управувала со буџетот. До крајот на ноември по еден инцидент во кој помалите левичарски партии прво дадоа поддршка, а после не, Магдалена Андерсон беше избрана да ја води малцинската влада, составена само од претставници на нејзината партија до изборите наесен оваа година. Според теоретските гледишта на Силјановска-Давкова и другите вмровски пратеници оваа шведска влада пак целосно би немала легитимитет поради тоа што е малцинска.

 

ФИНСКА – Во декември 2019 година Сана Марин, тогаш 34-годишна министерка за транспорт на Финска, беше избрана да го наследи премиерот Анти Риине, кој поднесе неочекувана оставка поради штрајкот на поштеските работинци што излезе од контрола поради лошото справување од страна на владата. Марин беше на министерски состанок во Брисел кога беше повикана итно во Хелсинки за да ја преземе функцијата премиер. Осум месеци подоцна, во август 202о година, таа беше избрана и за лидер на Социјалдемократската партија. Дали и таа нема легитимитет затоа што не ги предводеше нејзините социјалдемократи на последните избори.

 

СЛОВАЧКА – Од април 2021 година премиер на Словачка е Едуард Хегер, кој дотогаш беше министер за финансии. Претходниот премиер, Игор Матович, беше принуден да си замине поради тоа што не умееше да ја менаџира работата на кабинетот составен од претставници на четири партии и неколкумина независни министри. Хегер успеа да ја смири напрегнатоста во коалицијата, но го именува Матович на местото што го напушти – министер за финансии. Владата оттогаш плови низ помирни води.

 

Има уште други примери, како од Естонија, Романија. Дали сите нивни влади се нелегитимни според теоретските претпоставки на Гордана Силјановска-Давкова. Или пак Емануел Макрон ја загубил легитимноста како претседател на Франција. Партијата на Макрон лани летото катастрофално загуби на локалните избори во Франција неуспевајќи да освои ниту еден регион, а само еден грст градоначалнички места. Тоа беше пораз за паметење, но никој во Франција не се осмели да побара оставка од Макрон – сите политичари и аналитичари исходот го толкуваа како жестоко предупредување за Макрон пред претседателските избори што ќе се одржат овој април.