Како Шпанскиот грип во 1918 го направи носењето маски задолжително во делови на САД
Се чини дека користењето на маските како заштитно средство ја прескокна свеста на неколку генерации. Корона вирусот можеби ќе го промени тоа
Кога пандемијата со новиот корона вирус ја погоди Азија, луѓето во целиот регион побрзаа да стават маски, а во некои места како Тајван и Филипини тоа дури беше задолжително во одредени сценарија.
Но, на Запад, маските се прифаќаа многу побавно, а некаде, како на пример во Англија, шефот на медицинскиот тим, Крис Вити, отиде подалеку и тврдеше дека носењето маски е непотребно.
Сепак, во Азија не биле отсекогаш склони да носат маски.
Тоа секако не беше за време на пандемијата на грип од 1918 година, што траеше од јануари 1918 до декември 1920 година и зарази една третина од светската популација, или околу 500 милиони луѓе, и беше причина за смрт на околу 50 милиони луѓе – од кои околу половина милион беа во Соединетите Американски Држави.
Постојат многу паралели помеѓу двете пандемии.
Се уште има изобилство на теории за потеклото за вирусот од 1918 година. Но, името му беше дадено по една земја: Шпански грип. Глобализацијата го олесни нејзиното ширење кога војниците што се бореа во Првата светска војна го раширија грипот низ целиот свет. Тогаш како и сега, магацините беа претворени во карантински болници, а прекуокеанските бродови со заразени пациенти станаа тема на разговор.
Но, една забележителна разлика е во тоа што Соединетите Држави го предводеа светот во носењето маски.
Во октомври 1918 година, кога Сан Франциско го зафати вториот бран на пандемијата, болниците почнаа да известуваат за пораст на бројот на заразени пациенти.
На 24 октомври 1918 година, градското законодавно тело, Одборот на супервизори на Сан Франциско, сфаќајќи дека се потребни драстични мерки заради над регистрирани 4.000 случаи, едногласно го донесе Правилникот за маски против грип.
За прв пат на американско тло носењето маски за лице на јавни места стана задолжително.
Прифаќањето на маските
Откако Сан Франциско го направи носењето маски задолжително на јавни места, започна кампања за подигање на свеста.
Градоначалникот, заедно со членовите на Одборот за здравство, ја одобри кампањата на Црвениот крст, кој на јавноста и порача: „Носете маска и сочувајте го вашиот живот! Маската е 99 отсто заштита против грип“. Беа компонирани песни за носење маски, вклучувајќи и една динамична со следниве стихови: „Почитувајте ги законите и носете газа. Заштитете ги вилиците од шепите на инфекцијата“.
Секој што ќе се најдеше на отворено без маска можеше да биде казнет, па дури и затворен.
Кампањата функционираше, па таа прво беше прифатена во други градови во Калифорнија, како на пример во Санта Круз и Лос Анџелес, а потоа и други држави во САД.
И не само во Америка.
Од другата страна на Атлантикот се преземаа слични чекори – Комитетот на Академијата за медицина во Париз во почетокот на ноември 1918 година препорача носење маски за лице во главниот град на Франција. Тоа го направи и доктор Нивен, медицински службеник за здравство во Манчестер, во северна Англија.
Историјата како да се повторува, па оваа недела градоначалникот на Лос Анџелес побара од граѓаните да носат маски кога одат да купуваат на јавни места.
Како што се зголемуваше користењето на маски во Европа и во Северна Америка, проблемот со снабдување стана акутен.
Имаше само мал број на специјализирани производители на маски, како што е компанијата за производство „Профилакто“ во Чикаго, кои не можеа да го задоволат порастот на побарувачката.
Одгговорот беше – домашно производство. Во некои делови на Америка, црквите, групите на заедниците и Црвениот крст се собираа заедно носејќи газа што можеа да ја најдат и одржуваа масовни сесии за правење маски.
Медиумите и некои влади во сојузните држави ги поврзаа маските со војната на бојните полиња во Европа во октомври 1918 година – „Маски за гас во рововите; маски за грип дома“, објави весникот „Вашингтон тајмс“ на 26 септември 1918 година, известувајќи дека за американските војници ќе бидат обезбедени 45.000 маски за да го избегнат „Шпанскиот грип“.
Кога Првата светска војна заврши на 11 ноември, производителите на маски за гас исполнувајќи ги договорите со владата се префрлија на маски за грип.
Нема да апсиме, но…
Прописите за носење маски имаа широка поддршка од јавноста и главно имаше согласност за нивното спроведување.
Тусон во Аризона, на 14 ноември 1918 година донесе уредба за носење маски за лице, со исклучоци за проповедници, пејачи и актери во театри и наставници – сите за кои се сметаше дека се оддалечени од публиката. Набрзо, началникот на полицијата им рече на граѓаните на Тусон дека не им се заканува со апсење поради злоупотреби, туку дека според негово мислење: „Нема да се дозволи ниту еден собир, освен ако присутните не носат маски“.
На Западниот брег, Сан Франциско сè уште беше пред кривата кога станува збор за промовирање на употребата на маски за лице. На 25 октомври 1918 година, „Сан Франциско хроникл“ на насловната страница објави фотографија на која врвните судии во градот и водечките политичари носат маски за лице.
Наскоро немаше бегање од носење маска. Сите возови кои пристигнуваа на железничките станици на Западниот брег беа пречекувани од „комитети за охрабрување“ – групи жени волонтери со маски за оние кои не успеале да набават заштитна маска надвор од државата.
Се разбира, имало и такви кои ги оспорувале правилата. На бокс – натпревар во Калифорнија, една фотографија направена со блиц откри дека 50 отсто од мажите во публиката не носат маски. Полицијата ја зголеми фотографијата и ја искористи да ги идентификува гледачите без заштитни маски.
Секој од нив беше предупреден да даде „доброволен придонес“ за добротворни цели за мажите кои се борат во странство или ќе се соочи со гонење.
Дали носењето маски вршеше работа?
За време на пандемијата на грип во 1918 година, научните истражувања за употребата на маските сè уште беа во голема мера анегдотски – како една впечатлива приказна за прекуокеански брод што го привлече вниманието.
Во почетокот на декември 1918 година, весникот „Тајмс“ во Лондон објави дека е утврдено, од страна на лекарите во Соединетите Држави, дека грипот „се шири преку контакт и според тоа може да се спречи“.
„Тајмс“ забележа дека во една лондонска болница на сите вработени и пациенти им било наложено постојано да носат маски за лице. Весникот ги наведе успесите на еден брод што се должело на маските за лице.
Океанскиот брод што пловеше меѓу САД и Англија имаше ужасна стапка на заразени, пловејќи од Њујорк, објави „Тајмс“. На враќањето кон САД, капетанот дал налог екипажот и патниците да носат маски, откако прочитал за нивната употреба во Сан Франциско.
На повратното патување не биле пријавени инфекции и покрај високите стапки на заразени во тоа време и во Менхетен и Саутемптон, од каде што поаѓал бродот. Невозможно беше да се знае дали правилата за носење маски на повратното патување влијаеле да нема заразени, но така го толкуваше печатот.
Во упатствата за носење маски имаше и преседани.
За време на Големата манџуриска чума од 1910-1911 г., во која кинески, руски, монголски и јапонски научници заедно се бореа против распространетата епидемија на бубонска чума во северна Кина, маските за лице се сметаа за ефикасни.
Научната новинарка Лора Спини, авторка на книгата од 2017 година „Бледиот јавач: Шпанскиот грип од 1918 година и како тоа го смени светот“, забележува дека по нивните искуства во Манџурија во 1911 година, Јапонците во 1918 година брзо почнаа да носат маски на јавни места.
Јапонските власти тврдеа дека маските биле учтив гест за заштита на другите од микроби и дека биле ефикасни во претходните локализирани епидемии на болести во Јапонија.
Покрај тоа, се чини дека носењето маски има смирувачки ефект врз стапките на инфекција.
До крајот на декември, градовите и државите во Америка се чувствуваа доволно уверени да донесат прописи за носење маски, бидејќи на повеќе места се намали бројот на новозаразени.
„Денес е крајно време за малку газа за лице“, објави весник во Чикаго на 10 декември 1918 година.
Еден век подоцна
Во 1918 година, Америка го прифати носењето маски безрезервно.
Но, еден век подоцна, азиските земји беа тие кои се сетија на лекциите што ги научи Америка за придобивките од носењето маски за да го забави ширењето на епидемијата.
Можеби поради тоа во годините кога се интервенираше, Азија се справи со тековните појави на колера, тифус и други преносни болести, до САРС во 2003 година и неодамна птичјиот грип.
Овие епидемии помогнаа да се одржи културата за носење маски.
Америка и Европа немаа видено слични епидемии со таква регуларност.
Оттаму, се чини дека користењето на маските како заштитно средство ја прескокна свеста на неколку генерации. Корона вирусот можеби ќе го промени тоа. (Си-Ен-Ен)