Како се справува Европа со топлотниот шок?

Автомобилите се протеруваат од градовите, се укинуваат паркинзите, на трамвајските шини и постројките се сади трева, а во дури 320 европски градови не може да се влезе воопшто со автомобили на дизел и бензин.


Firefighters at the scene of a blaze in the village of Wennington, east London. London Fire Brigade has declared a major incident due to "a huge surge" in blazes across the capital amid the 40C heat. Picture date: Tuesday July 19, 2022. (Photo by Yui Mok/PA Images via Getty Images)

Оваа недела беше многу жешка. Во Обединетото Кралство и во делови од Франција беа урнати температурни рекорди на сите времиња, а шумски пожари пламнуваат низ Шпанија, Франција и Грција. 

Температурите во Велика Британија во вторникот за прв пат надминаа 40 степени Целзиусови , што го прави најтоплиот ден во земјата во историјата. Тоа ги соочи и лондонските пожарникари  со еден од најтешките денови.

„Ова беше ден без преседан во историјата на лондонската противпожарна бригада каде што бевме изложени на екстремни горештини и температури кои предизвикаа голем број инциденти поврзани со временските услови“, објавија од оваа служба. Пред 2019 година, во Обединетото Кралство само еднаш, во август 2003 година,  температурата достигнала  37,8 степени Целзиусови.

Во Франција епицентарот на сегашниот  бран на шумски пожари  беше Жиронд. Најмалку 19.300 хектари земја изгореа таму до вторникот попладне, што е  речиси двојно повеќе од површината на Париз, кој зафаќа 10.540 хектари. Во меѓувреме, шумските пожари продолжуваат да се појавуваат низ целата земја бидејќи Франција забележува по 20 нови пожари секој ден.

Секој,пак, што се испотил од топлотниот бран во градот знае дека урбаните областиво вакви услови стануваат неподносливо жешки. Дел од проблемот е што градовите се полни со бетон, асфалт и метални конструкции кои ја апсорбираат и складираат топлината што потоа се ослободува толку бавно, што не се ладат целосно ноќе. Како резултат на тоа, жителите се изложени на таканаречениот ефект на „топлински остров“, што значи дека се соочуваат со постојана, неподносливо интензивна топлина. Во зависност од социо-економскиот статус, возраста и здравјето на една личност, таа топлина може да се покаже како смртоносна. Еве зошто градовите се толку опасни во топлотните бранови – и што може да се направи за тоа.

Иако луѓето можат да се обидат да избегаат од топлината во удобноста на нивните климатизирани автомобили, сообраќајот всушност ги влошува топлотните бранови во градовите, бидејќи автомобилите произведуваат топлинско согорување што ја загрева околината. Исто така, емисиите од моторните возила придонесуваат за ефектот топлински остров  со зголемување на нивото на загаденост во воздухот, со што се зголемува заканата по здравјето на луѓето. Префрлувањето на е-возила би помогнало да се намалат тие емисии, но тоа нема целосно да го реши проблемот, бидејќи дури и паркираните автомобили зрачат топлина.

Локалните раководства го решаваат проблемот на повеќе начини. Маријано Фуентес, управник за урбан развој во Мадрид, рече дека  урбаната топлина е еден од клучните мотиви за создавање нова зона со ниски емисии во градот. Во Амстердам, градските лидери се на пат да елиминираат над 11.000 места за паркирање до 2025 година со цел да се ослободи јавниот простор кој моментално е окупиран од автомобили што апсорбираат топлина. Во Гент во Белгија целосно ги протераа автомобилите од делови на градот.

 Ослободувањето од автомобилите што апсорбираат топлина, исто така, бара зајакнување на опциите за јавна мобилност. Во обид да го намали ефектот на топлинскиот остров, Виена ја проширува својата постоечка велосипедска инфраструктура и дизајнира нови рути кои се обложени со дрвја, зелени површини и јавни фонтани за пиење. Во Берлин ги проширија метро и трамвај мрежите во последниве години.

Трамвајските патеки исто така може да бидат извор на урбана топлина. Штутгарт стана ран пионер кога почна да ги покрива овие патеки со трева пред неколку децении, нешто што сега се прави во германските градови Нирнберг и Мајнц. Во меѓувреме, холандскиот град Утрехт постави зелени покриви на десетици автобуски засолништа, намалувајќи ја количината на топлина што ја создаваат структурите и создавајќи нова почва за размножување пеперутки во градот.

Ако планирате со  автомобил на дизел да стигнете во Европа, размислите повторно. Новата анализа од Кампањата за чисти градови покажува дека 320 европски градови – меѓу нив  Амстердам, Барселона, Берлин, Копенхаген, Париз и Стокхолм – сега имаат прописи кои ги блокираат постарите бензински и дизел возила. Тоа е пораст од 40 отсто во однос на 2019 година, а според извештајот до 2025 година ќе има над 500 такви зони. Италија сега води во овој поглед: Околу 172 града – вклучувајќи ги и туристичките жаришта како Фиренца, Болоња, Милано и Рим – имаат зони со ниска емисија.

 Смртта поврзана со топлината на 60-годишниот чистач на улици во Мадрид, Хозе Антонио Гонзалес минатиот петок, поттикна поширока дебата  за тоа што треба да направат градските администрации за да ги заштитат своите вработени од екстремните временски температури кои ќе станат почести како резултат на климатските промени. Во вторникот, синдикатот на градските санитарни работници постигна договор со компаниите кои управуваат со операциите за чистење улици автоматски да ги прекинат попладневните смени за време на топлотните бранови.  Во Севиља, град навикнат на екстремни горештини, општинските службеници кои работат надвор имаат право да одбијат да работат на улици кои немаат сенка. Во меѓувреме, во Амстердам, смените за собирање отпад се променети за да започнат порано наутро, кога температурите се пониски.

 Зазеленувањето на градовите бара декарбонизација на  автобусите – цел што голем број европски градови активно ја спроведуваат. Според податоците објавени неделава од невладината организација „Транспорт и животна средина“ за зелена мобилност, речиси секој четврти урбан автобус регистриран во 2021 година имал нула емисија на гасови.

„Прогресивните градови сè повеќе купуваат само автобуси со нула емисија“, рече Џејмс Никс,  менаџер на групата. „Но, доколку не дејствуваат креаторите на политиката, понудата нема да држи чекор со зголемената побарувачка“.

Ако побарувачката продолжи да расте, градовите во ЕУ ќе сакаат 100 отсто од новите урбани автобуси да бидат со нула емисија до 2026 година. Европската комисија моментално работи на предлог за намалување на емисиите на CO2 на автобусите и камионите, што се очекува на 30 ноември.

„За да се справиме со квалитетот на воздухот, климатската вонредна состојба и силната побарувачка, потребно ни е сите нови урбани автобуси да бидат со нула емисија до 2027 година“. рече Никс.

 Повеќе од 36 градови се потпишаа на Декларацијата за зелени и здрави улици  која вклучува обврска да се набават само автобуси со нула емисија до 2025 година. Во Европа, меѓу нив се Амстердам, Барселона, Берлин, Копенхаген, Хајделберг, Лондон, Мадрид, Милано, Москва, Осло, Париз, Рим, Ротердам и Варшава. (Политико)