Како се менуваше перцепцијата за корупцијата кај нас
ЃОРЃИ СПАСОВ
Македонија секогаш паѓала на ниско ниво според Индексот на корупцијата кога опозицијата и медиумите во земјата имале повеќе слобода и можности јавно да ги изнесуваат своите критики
Според невладината „Транспаренси интернешенел“ (ТИ), во Македонија постои уверување кај граѓаните дека власта сѐ уште многу често се злоупотребува за остварување на лична добивка и корист, односно дека јавните институции се подложни на корупција.
Тоа значи дека голем број граѓани сметаат дека постои неказниво злоупотребување на јавните финкции и на државниот буџет и дека наспроти зголемената транспарентност на институциите за трошењето на државните пари, земјата не располага со доволно ефикасен механизам за обесхрабување на злоупотребите и за казнување на сторителите.
А верувањата на граѓаните во нешто дека постои или не постои за политичарите и за изборите е дури поважно од тоа дали таквото нешто вистина постои.
Оттука тие се должни да откријат дали така распространетото верување е резултат на вистинската состојба, на отсуството на политичка волја (читај интерес) да се оневозможува и казнува коруптивното однесување и на личните искуства на граѓаните, или таквата перцепција е создадена и се одржува само врз основа на пропагандата за корумпираната власт, лажните вести и неосновани клевети.
Ова е дотолку поважно што Индексот за перцепцијата за раширеноста на корупцијата во една земја кој го ТИ, која има седиште во Берлин, добива широк публицитет во светот, па и покрај тоа што не го мери реално нивото на раширеноста на корупцијата се смета за важан индикатор за нивото на корупцијата во секоја земја и за некаков ориентир за бизнисмените што имаат намера да инвестираат во некоја земја.
Анализата на промените во Индексот на корупцијата, во кусата политичка историја на Македонија откако тој се мери и кај нас, од 1999 година до денес, укажува на два важни фактора во неговото зголемување или намалување.
Македонија секогаш паѓала ниско според Индексот на корупцијата кога опозицијата и медиумите во земјата имале повеќе слобода и можности јавно да ги изнесуваат своите критики, да шират макар и неосновани сомневања за корупција и кога не се преземале спектакуларни акции од страна на власта за апсења пред камери во борбата против корупцијата. Македонија пак, секогаш го подбрувала својот индекс на перцепцијата за корупција кога слобода на говорот била делумно ограничувана и кога власта основано или неосновано преземала спектакуларни акции за апсења на лица обвинети за корупција.
Познато е дека во периодот од 1994 до 1998 година, кога Македонија функционираше речиси како еднопартиска држава без опозиција (бидејќи опозицијата го бојкотираше вториот круг на изборите во 1994 година), земјата беше соочена со економската блокада од Грција , наметнатите санкции кон Србија, но се одвиваше и приватизацијата во такви услови. За прв пат, следната 1999 година и за Македонија беше објавен Индексот за перцепцијата на граѓаните за раширеноста на корупцијата во земјата и тогаш земјата беше рангирана на сосема пристојното 71 то место од 180 држави со 3,8 поени од можни десет според тогашната методологија.
https://images.transparencycdn.org/images/2009_TIAnnualReport_EN.pdf
Но партиите во власта таа 1998 година ги изгубија изборите и владата ја формираа ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо Георгиевски, ДА на Васил Тупурковски и ДПА на Арбен Џафери.
По аферата со признавањето на Тајван, војната од 2001 година, продажбата на рефинеријата и нелегалната набавка на оружје и други афери земјата, во чија владат тогаш Никола Груевски беше прво министер за трговија, па министер за финансии, на Индексот на корупцијата во 2003 година, значи по завршувањето на мандатот на владата на Георгиевски, Македонија се најде на 106. место со само 2,3 поени од можни десет.
На оваа промена на перцепцијата за корупцијата во Македонија ѝ претходеше и извештајот на Меѓународната кризна група, објавен на 14 август 2002 година, под наслов „Македонската јавна тајна“, во кој се говори за тоа како корупцијата ја влече земјата надолу. Таа група во тоа време предводена од Марти Ахтисари и од Гарет Еванс во извештајот на 50 страници информира со имиња и презимиња за корупцијата во врска со продажбата на Телекомот во 2001 година, за продажбата на ОКТА, за Македонска банка и имотот на ВМРО-ДПМНЕ, за шверцот на тутун, за игрите околу „Мак-табак“, воените набавки и за меѓуетничката соработка во шверцот од чија заработка одела една третина во касата на партнерот од албанска страна во владата.
https://images.transparencycdn.org/images/2003_AnnualReport_EN.pdf
Со промената на власта во 2002 година и неколкуте спектакуларни акции на апсења за корупција од страна на тогашниот СДСМ и владата во која за прв пат влезе ДУИ, според Индексот на корупцијата Македонија се рангираше на 97 место со 2,7 поени од можни 10.
https://www.transparency.org/en/cpi/2004
Но по вонредните изборите за претседател на државата во 2004 година, на чело на владата дојде Хари Костов кој си поднесе оставка „заради неможност да ја спречува корупцијата“, а по него стана премиер Владо Бучковски кој се соочи со силни обвинувања од страна на опозицијата и медиумите за корупција во владата. Опозицијата доби можност преку тогашната телевизија А1 и печатените медиуми „Шпиц“ и „Време“, на дневна основа да говори за корупцијата и непотизмот во разни области, па со таа антикорупциска кампања во која беа вклучени и протестите заради продажбата на ЕСМ, Македонија,во 2006 година според Индексот на ТИ беше рангирана на 105 место со 2,7 поени од можни 10.
Во 2006 година Никола Груевски победи на бранот на антикорупциската кампања и стана премиер. Со неколку спектакуларни апсења пред тв-камерите на цариници, вработени на патарините, полицајци на граничните премини, бизнисмени и директори, лекари, наставници, па и судии од Судот за прекршоци, и со ограничување на слободата на медиумите, тој успева да ја донесе Македонија според индексот на корупцијата на 69 тото место во 2010 година со 3,9 поени од можни 10.
https://www.transparency.org/en/cpi/2011
Пред изборите во 2011 година се случи упадот на полицијата во Телвизијата А1 под обвиненија за корупција а веднаш по победата на Груевски на тие избори, се затвора телевизијата А1, се апси и осудува семејството на Велија Рамковски, во драматичен полициско-медиумски спектакл се апси Љубе Бошкоски за наводна изборна корупција, се урива зградата „Космос“ на Фијат Цаноски и се продолжува со тој вид кампањи зад превезот на високата корупција од страна на власта и стеснетите можности на медиумите и на опозицијата за јавна критика.
Сето тоа поволно се одразува врз Индексот за перцепција на корупцијата, па во 2013 година Македонија е рангирана на 67. место, во 2014 на 64., а во 2015 на 66. со 42 од можни 100 поени според новата методологија на ТИ.
https://www.transparency.org/en/cpi/2015/index/nzl
Но во 2015 година Зоран Заев почнува да ги објавува нелегално снимените разговори преку проектот „Вистината за Македонија“, започнуваат протестите врз основа на индикациите за голема корупција и други злоупотреби од страна на власта, па според Индексот за перецпција на корупција во земјата таа во 2015 година паѓа на 90. место со 37 поени од можни 100.
https://www.transparency.org/en/cpi/2016/index/nzl
Во 2016. година кога започнува со својата работа и Специјалното јавно обвинителство и се разоткриваат монструзните димензии на корупцијата и злоупотребите од страна на власта, Македонија според индексот на корупцијата за паѓа за прв пат на 107. место со 35 поени од можни 100.
По формирањето на владата на чело со Зоран Заев дури на крајот на мај 2017 година и покренувањето на судски процеси против обвинети од СЈО, според Индексот за перцепцијата на корупцијата Македонија се качува на 93. место со 37 поени од можни 100.
https://www.transparency.org/en/cpi/2018/index/nzl
Но веќе дискредитацијата на СЈО и тешкотиите од страна на власта да се зачуваат можностите за процесуирање на покренатите обвиненија против корупцијата од СЈО, со опструкциите на правдата од страна на опозицијата, која довде до тоа и некои лица обвинети за корупција да побегнат од земјата, и основаното или неосновано отворање на бројни афери за инволвираност во корупција на лица од власта, но и врз основа на слободата на медиумите, која е истовремено и слобода за ширење на лажни вести во услови на неефикасно судство, Индексот за перцепција на корупцијата во земјава во 2019 година ја донесе земјата на 106. место со 35 поени од можни 100. А во 2020 година, во која се одржаа изборите и кога антикорупциската кампања беше видливо изразена, земјата падна на 111. место од 180 рангирани земји со 35 поени од вкупно 100.
Овие промени во индексот за перцепција на корупцијата на земјата, како што ќе забележат и други аналитичари, иако се важен индикатор, малку говорат за степенот на вистинската корупција која тешко се открива.
Промената во тој индекс на перцепцијата на корупцијата сепак укажува на тоа со кои методи и на кој начин може да се менува перецепцијата за раширеноста на корупцијата во една земја, односно колку е важно за борбата против корупцијатата јавноста да не биде манипулирана ниту со ширењето лажни вести и клевети, ниту со ограничување на слободата на медиумите ниту со спектакуларни полициско-медиумски акции за кои подоцно ќе се разбере дека биле само дел од политичките пресметки. Тоа е важно бидејќи без систематски напредок во таа област во услови на целосна слобода на медиумите и владеење на правото, перцепцијата за распространетата корупција секогаш се враќа на почетното ниво.
(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор)