Како се гласаше во Скопје: Силјановска-Давкова води во вкупниот број гласови, општините поделени


Резултатите од првиот круг на претседателските избори во скопските општини за Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои влегоа во вториот круг на гласање, се речиси израмнета, со мала предност во корист на Силјановска-Давкова.

Кога станува збор за бројот на општини, тука трката е израмнета, па двајцата кандидати имаат освоено по пет од десетте скопски општини.

Пендаровски во првиот круг победил во општините Центар, Карпош, Чаир, Шуто Оризари и Сарај, додека пак Силјановска-Давкова води во Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба и Бутел, општини во кои победи СДСМ на локалните избори во 2017 година, од кои во Аеродром и Ѓорче Петров уште по првиот круг на гласање.

Најмногу гласови Пендаровски освоил во Карпош – 14.039, а најмалку во Шуто Оризари – 2.351. Од друга страна, за Силјановска-Давкова најмногу гласале во Аеродром (16.460), а најмалку во Сарај (379).

Силјановска-Давкова најголема разлика во однос на Пендаровски остварила во општина Гази Баба каде разликата е 6.446 гласа во корист на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, додека пак Пендаровски најголемата разлика ја има во Чаир (5.256).

Кога станува збор за вкупниот број гласови, Гордана Силјановска-Давкова има предност од 664 гласа во општините на главниот град, односно 87.268 гласа наспроти 86.604 на Стево Пендаровски.