Како Олимпијадата го промени Париз: Златни медали и дрвени лажици на француската престолнина


Милиони посетители ќе се соберат во Париз подоцна овој месец за да присуствуваат на еден од најголемите спортски настани во светот: Летните олимписки игри 2024 година.

Со церемонијата на отворање, која ќе вклучи парада на чамци на реката Сена, поминувајќи пред Ајфеловата кула и музејот Лувр, на посетителите ќе им биде претставен град преобликуван од игрите.

Да погледаме што направи Париз правилно (златни метали) а што не (дрвени лажици, награда која традиционално се доделува на натпреварувач што беше последен).

Реновирана инфраструктура

ЗЛАТЕН МЕДАЛ

Игрите во Париз 2024 ветија дека ќе бидат „најзелените во историјата“.

Клучен аспект на тој завет беше да се инвестира во модернизирање на постоечката инфраструктура наместо во ново градење, и за цели на одржливост и за спречување на трошоците да излезат надвор од контрола (повеќе за тоа подоцна). Според градот Париз, 95 отсто од местата на игрите се веќе постоечка инфраструктура, вклучувајќи го и значајниот повеќенаменски стадион „Стад де Франс“ и Националниот велодром за велосипедизам.

Градот го претстави базенот Жорж Валери како пример за тоа како Игрите ќе имаат трајно позитивно влијание: базенот, првично изграден за Олимпијадата во 1924 година, е реновиран за да служи како полигон за спортисти, а потоа ќе се трансформира во јавен базен за неговото соседство.

Двата клучни нови делови на инфраструктурата вклучуваат арена со 8.000 седишта и Олимпиското село во сиромашната област Сена-Сен Дени. Првото ќе биде претворено во концертно место и домашен терен за кошаркарскиот тим на Париз; вториот ќе стане станбен комплекс.

Долготрајни безбедносни грижи

ДРВЕНА ЛАЖИЦА

Одржувањето настани на отворено во спектакуларни места во срцето на Париз доаѓа со најмалку едно големо прашање: заканата од тероризам.

Франција остана во состојба на готовност откако низа исламистички напади ја запрепастија земјата во 2015 и 2016 година. Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин постојано укажуваше дека тероризмот останува приоритет број 1 кога станува збор за безбедноста пред Игрите, истовремено нагласувајќи дека нема сознанија за планови за напад насочен кон настанот.

Во март, Макрон побара капацитетот за церемонијата на отворањето на реката Сена да се намали на половина од првично планираното.

Клучните стравови вклучуваат можност за снајперисти сместени во згради во близина на церемонијата на отворено или беспилотни летала преполни со експлозив. Овие ризици се намалуваат со ригидни безбедносни процедури, рекоа француските безбедносни претставници.

Модернизација на транспортот

ЗЛАТЕН МЕДАЛ

Можноста да се види парискиот транспортен систем – заситен дури и во нормален ден – да биде уште попреполн, поттикна многу парижани да го напуштат градот за време на траењето на Игрите.

Сепак, Олимпијадата ги поттикна јавните власти да инвестираат во транспортот, проширувајќи две линии на подземната железница и една рута за патнички воз за да се олесни пристапот помеѓу местата – инфраструктура која потоа ќе му служи на локалното население.

Аеродромот Париз-Орли, еден од меѓународните аеродроми во парискиот регион, сега ќе биде директно поврзан со центарот на градот преку метро линија која ќе биде од клучно значење за Игрите, поврзувајќи ги различните места, вклучувајќи ги Водниот центар, Стад де Франс, Плас де ла Конкорд – кој ќе биде домаќин на брејкденс и скејтборд меѓу другите настани – и арената Берси, каде што ќе се одржи финалето во кошарка.

Фијаско за пливањето во Сена

ДРВЕНА ЛАЖИЦА

Олимпијадата треба да помогне во исполнувањето на повеќедецениското ветување: трансформирање на реката Сена, која минува низ Париз, во водно тело каде луѓето ќе можат да пливаат за прв пат по 100 години.

1,4 милијарди евра беа инвестирани за изградба на мега-басен во Париз дизајниран да складира отпадна вода и да спречи излевање на канализациониот систем во реката. Но, обилните дождови во јуни, помалку од еден месец пред настанот, предизвикаа излевање на системот, што предизвика нетретирана канализација да тече во реката и ја направи Сена непогодна за пливање.

Натпреварите во пливачкиот маратон и триатлон треба да се одржат во Сена. За првото, алтернативно место е избрано доколку реката е небезбедна. За триатлонот се планирани алтернативни термини за натпреварување во случај водата да биде премногу загадена. „Како последно средство, правилата предвидуваат можност за префрлување на дуатлон“, изјави за L’Equipe Тони Естанге, претседател на организацискиот комитет на Игрите.

Сакајќи да ја докажат чистотата на Сена, Естанге и Идалго отидоа на капење во неделите пред церемонијата на отворање.

Одржување на ниски трошоци

ЗЛАТЕН МЕДАЛ

Иако Игрите во Париз 2024 го надминаа буџетот, тие сепак ќе чинат помалку од минатите изданија – триумф според олимписките стандарди.

Се очекува вкупните трошоци да бидат 11,8 милијарди евра – 15 отсто повеќе од првично буџетираните. Тоа, сепак, останува под наводната цена на Игрите во Лондон 2012 и Рио 2016 година, и милји под Сочи 2014, најскапите Игри во историјата кои достигнаа неверојатни 55 милијарди долари.

За Париз, трошоците вклучуваат изградба на нови простории, плаќање приватно обезбедување и обезбедување превоз и сместување за спортистите, прецизираше комитетот Париз 2024 година.

Обвинувања за социјално чистење

ДРВЕНА ЛАЖИЦА

Групите за човекови права предупредија: француските власти ја користат Олимпијадата како можност да го ослободат главниот град од популациите кои се сметаат за непожелни.

Властите го забрзаа отстранувањето на бездомниците низ Париз, нудејќи им краткорочни решенија во помалите градови низ земјата.

Додека државата тврди дека ова нема никаква врска со Олимпијадата, организациите кои работат за поддршка на нездомените луѓе го подвлекоа забрзувањето на таквите постапки во последниве месеци, што доведе до обвинувања за „социјално чистење“ пред Игрите. Политиката за преместување се спроведува како дел од тест фазата, започната во април 2023 година и ќе трае до крајот на 2024 година.

„Начинот на кој се постапува со ова оди подалеку од невдомените; тоа се однесува и на корисниците на дрога, на сексуалните работници“, рече Антоан де Клерк, портпарол на колективот Revers de la médaille („превртената страна на медалот“), група на непрофитни организации кои се залагаат Париз 2024 година да остави „позитивно општествено наследство“.

„Сè што не се вклопува во разгледницата „Емили во Париз“ се турка настрана, рече Де Клерк. (Политико)