Како можела да се зарази болничарката од Инфективна со кримско- конгоанска хеморагична треска
Болничарката од Клиниката за инфективни болести во Скопје, која веќе петти ден е болна од кримско-конгоанска хеморагична треска, откако на таа клиника почина млада жена касната од крлеж, можела да се зарази со болеста поради огромното количество излачени телесни течности, слуз и крв, од починатата пациентка.
Ова го претпоставува прим.д-р Добринка Науновска Јовановска, која потврди дека поради специфичноста на дејноста на нивната клиника сите вработени при укажување помош и нега на пациентите, се заштитени со заштитна опрема, ракавици, маски, заштита за глава, за обувки…
– Тоа е пациент во тешка состојба. Како е можно (да се зарази). Шансите се многу мали, но со оглед на тоа дека пациентката има ненормално големи количини на секрети, крварења итн. тие се тие заразни содржини кои може да бидат пренесени. Но, и покрај заштитата која ја имаме ние, сега можеби додека болничарката работела со пациентката била заштитена, но потоа кога ги симнува ракавици ли се, маски или облеката може нешто да прсне во лице, во очи и да се заразила – појаснува прим. д-р Наунова Јовановска.
Информира дека пациентката е во стабилна состојба, параметрите се добри, но се следи. Многу е важна терапијата, а таа се надева дека пациентката ќе остане стабилна. Оваа болест има своја еволуција, која може да почне со слаби симптоми, но подоцна може и да се влоши.
Потврди дека сите оние кои имале контакт со првата пациентка се под надзор, а за ден-два им истекува надзорот.
Пренесувањето на оваа болест не настанува од обичен разговор, туку потребни се секрети.