Како глобалниот корпоративен данок ќе се одрази врз компаниите во Македонија


Со оглед на критериумите за минимален корпоративен данок од 15 отсто, (најмалку 750 милиони евра вкупен консолидиран приход во групацијата) произлегува дека во нашата земја има компании кои влегуваат во оваа „зона“

 

Мирче Јовановски

Дали дел од компаниите кои што работат во Северна Македонија, а кои што се дел од големи меѓународни корпорации, ќе потпаднат под новиот режим на минимална глобална даночна стапка, што е предвидено во еден од двата столба на договорот постигнат во рамки на ОЕЦД? И колку нашата земја може да има корист од новото правило предвидено во другиот столб за договорот кој како цел ги има до сега неоданочените приходи на најголемите, пред се технолошки компании, кои сега успешно ги избегнуваат даночните обврски во земјите во кои што работат и ги насочуваат профитите во земјите каде што им се нивните седишта?
Овие прашања се наметнуваат по постигнатиот договор во рамки на Организацијата за економска обнова и развој (ОЕЦД) за реформа на глобалниот даночен систем, во кој Северна Македонија е една од 136-те земји потписнички. Заложбите од договорот викендов добија своевиден печат, откако беше потврден на состанокот на лидерите на најмоќните земји во светот на самиот на Г20 во Рим.
Од Министерството за финансии нема дециден одговор на прашањето дали претстои зголемување на данокот на добивка од сегашните 10 на 15 отсто, колку што изнесува минималната глобална даночна стапка предвидена во договорот во рамки на ОЕЦД. Сепак, со оглед на критериумите, (најмалку 750 милиони евра вкупен консолидиран приход во групацијата) произлегува дека во нашата земја има компании кои влегуваат во оваа „зона“. Така, податоците за 100-те најголеми компании во земјава, што ги објавувува „Бизнис мрежа“, покажуваат дека прворангираната компанија во 2020 година остварила приход од 107.469.200.201 денари или 1,7 милијарди евра, само во нашата земја. Иако другите компании на ранг листата се далеку зад ваквите деловни постигнувања (второрангираната компанија имаше приходи од 277 милиони евра, а десеторангираната 139 милиони), сепак, треба да се има во предвид дека некои од листата Топ 100 се дел од големи мултинационални компании.

Што велат во Министерството за финансии

Еве што велат во Министертвото за финансии на прашањето од Независен во врска со постигнатиот договор на ниво на ОЕЦД за реформата на глобалните правила за оданочување на мултинационалните корпорации, односно како тој ќе се одрази како во врска со преместување на профитот заради оданочување, а особено за т.н. минимална стапка на данок за корпорациите:
„Со постигнатиот договор за глобалниот минимален данок од страна на 136 земји во светот, вклучително и РС Македонија, е утврдено дека ќе ги опфати мултинационалните корпорации коишто остваруваат најмалку 750 милиони евра вкупно консолидиран приход во групацијата и стапката на глобалниот минимален корпоративен данок ќе изнесува 15 отсто.
Имено, со вториот столб (Pillar 2) предвидено е глобален минимален данок кој е стапка на данок на добивка која ќе се применува за овие компании, во случај кога ефективната стапка на оданочување со данок на добивка во земјата во која што се наоѓаат компаниите ќерки (таканаречени “constituent entities„) на ваквите мултинационални компании, е пониска од 15 отсто, па така земјата каде што се наоѓа компанијата мајка ќе има право да го дооданочи субјектот со таканаречена „top-up tax“, која ја претставува разликата помеѓу ефективната стапка на данок и глобалниот минимален данок од 15 отсто.
Оттука, глобалниот минимален корпоративен данок ќе се одрази на оние корпорации во државата коишто влегуваат во опфатот на примена на „GloBE правилата“, кои што ќе бидат финализирани во ноември 2021 година и ќе започнат да се имплементираат во 2023 година. Со имплементација на „GloBE правилата“ се проценува дека на глобално ниво ќе се остварат околу 150 милијарди американски долари нови приходи годишно.
Дополнително со Првиот столб или Pillar 1 од договорот се очекува реалоцирање на профитот во износ од повеќе од 125 милијарди американски долари од 100-те најголеми и најпрофитабилни мултинационални корпорации во земјите ширум светот, обезбедувајќи овие корпорации да го платат својот фер удел на данокот каде и да работат и генерираат профит. Тоа значи дека ќе се изврши реалокација на даночните права врз овие мултинационални корпорации од земјите каде што се наоѓаат нивните матични седишта во земјите каде што вршат реални деловни активности и остваруваат профит, без разлика дали имаат физичко присуство таму т.е. во маркет јурсидикциите. Со овие нови правила се опфатени оние мултинационални корпорации што се сметаат за победници на глобализацијата, односно имаат приходи повисоки од 20 милијарди евра и профитабилност над 10 отсто, така што правото на оданочување на 25 отсто од нивниот резидуален профит ќе им припадне на маркет јурисдикциите.
Република Северна Македонија, од август 2018 година е земја членка на БЕПС Инклузивната рамка и како таква заедно со останатите земји на исто ниво учествува во преземање на мерки за спречување на можностите за одбегнување на плаќање на данок, односно мерки за зачувување на својата даночна основа, а со тоа и на своите даночни приходи.

Од Министерството за финансии без конкретен одговор дали ќе има промена на стапката на данокот на добивка

Во рамки на оваа Инклузивна рамка преку Pillar 1 и Pillar 2 се пристапи кон изготвување на консензус решение за даночните предизвици што произлегуваат од дигитализацијата на економијата, кон кое што се приклучи и Република Северна Македонија притоа имајќи предвид дека со ваквите предлози ќе се помогне да се запре преместувањето на профитот овозможено преку новите технологии, во јурисдикции каде што се плаќа ниска ефективна стапка на данок или каде што воопшто не се плаќа данок, ќе се обезбеди плаќање на данокот од страна на мултинационалните корпорации и ќе се воедначи третманот на традиционалните и дигиталните компании.
Земјите во развој ќе добијат нови даночни права што ќе им овозможат да остварат повеќе даночни приходи од најголемите и најпрофитабилните компании, вклучувајќи ги и високо дигитализираните компании.
Дополнително, со имплементирање на претходно наведените предлози ќе се прераспределат правата за оданочување во јурисдикциите каде што се врши продажбата и каде што се наоѓаат корисниците. Со глобалниот минимален данок пак, ќе се стави крај на даночните раеви и ќе се намалат стимулациите за мултинационалните корпорации да го префрлаат профитот од земјите во развој“, се вели во одговорот од Министерството за финансии до Независен.

Бесими: Никој во моментов не подготвува нови даноци

Инаку, министерот за финансии Фатмир Бесими, деновиве рече дека нема да се воведат нови даноци и секоја таква информација е шпекулација.

Одговарајќи на новинарски прашања за време на презентацијата на Зелениот инвестициски фонд во Дирекцијата на Технолошко индустриските развојни зони тој рече дека било кое укажување за воведување на нови даноци може да се сведе на нивно на шпекулации.

„Никој во моментов не подготвува нови даноци“, рече Бесими, додавајќи дека  наредната година ќе почне да се дискутира за подобрување на даночниот систем во однос на ефикасноста и транспарентноста, а заедно со тоа ќе оди и стратегијата за намалување на неформалната економија.

„Сакаме фер даночен систем што ќе одговара на една земја која ќе оди кон забрзан економски раст, во која граѓаните ќе добијат повеќе услуги и нема да добијат ново даночно оптоварување“, изјави Бесими, претставувајќи го заедно со директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски Зелениот инвестициски фонд, кој е дел од деновиве презентираната Стратегија за забрзан економски раст 2022-2026 година.

Тој појасни дека стратегијата за даночни реформи поминала во Владата во декември минатата година, а стратешките приоритети во таа област се транспарентен, фер и ефикасен даночен систем.

Доколку приходите на компаниите се неоданочени или лесно оданочени во некој од даночните раеви во светот, нивната матична земја ќе воведе дополнителен данок што ќе ја доведе стапката до 15 отсто

Не е сè готово

Иако договорот постигнат во ОЕЦД беше поддржан и од лидерите на Г20, сепак, како што велат аналитичарите цитирани од медиумите во светот, остануваат две големи пречки. Една од нив е Сенатот на САД. Според правилата, тој мора да одобри еден дел од договорот – делот фокусиран на поделбата на приходите на компаниите на глобално ниво – со двотретинско мнозинство бидејќи се однесува на меѓународните договори. Во моментов, Демократите немаат доволно гласови. Ако американските законодавци не одобрат дел од глобалниот даночен договор, никој не знае дали пактот ќе опстане.
Другата веројатна главоболка вклучува еднострани даноци за дигитални услуги во некои (најчесто европски) земји. Тие давачки, според посебен договор, на крајот ќе бидат повлечени – но само кога ќе биде завршен конечниот глобален договор, вклучувајќи го и учеството на САД. Ако Вашингтон не може да ги добие двата дела од договорот преку Конгресот, нејасно е дали европските влади ќе се држат до своите ветувања за укинување на домашните даноци, пишува „Политико“.
Секретарот за финансии на САД, Џенет Јелен изјави дека договорот ќе стави крај на повеќедецениската „трка до дното“ во која се вклучени корпоративните даноци бидејќи даночните раеви се обидуваат да привлечат бизниси кои користеле паметно сметководство за да ги искористат ниските стапки во земјите каде што имале мала реална активност.
Како што пренесе АП, во денешната економија, мултинационалните компании можат да заработат големи профити од работи како трговски марки и интелектуална сопственост кои се полесни за преместување од фабриките. Компаниите можат да ја доделат заработката што ја создаваат на подружница во земја каде што даночните стапки се многу ниски.
Некои земји се натпреваруваат користејќи најниски стапки за да привлечат компании, кои генерираат големи приходи дури и со даночни стапки само маргинално над нулата. Помеѓу 1985 и 2018 година, глобалната просечна корпоративна основна стапка падна од 49 отсто на 24 отсто. До 2016 година, повеќе од половина од сите корпоративни профити на САД беа регистрирани во седум даночни раеви: Бермуди, Кајманските Острови, Ирска, Луксембург, Холандија, Сингапур и Швајцарија. Претставниците на Белата куќа велат дека глобалниот минимум ќе резултира со речиси 60 милијарди долари додадени даночни приходи на САД.
Како би функционирал глобалниот минимален данок? Основната идеја е едноставна: земјите би донеле законска минимална стапка од најмалку 15 отсто за многу големи компании со годишен приход над 750 милиони евра (864 милиони долари).

Доколку приходите на компаниите се неоданочени или лесно оданочени во некој од даночните раеви во светот, нивната матична земја ќе воведе дополнителен данок што ќе ја доведе стапката до 15 отсто.
Тоа би го направило бесмислено за една компанија да користи даночни раеви, бидејќи даноците избегнати во рајот ќе се собираат дома.
Делот на даночниот план за дигитализираната економија, пак, предвидува да им се дозволи на земјите да оданочуваат дел од заработката на 100-те најголеми мултинационални компании кога тие работат на места каде што немаат физичко присуство, како на пример преку малопродажба на интернет или рекламирање. Данокот би се однесувал само на дел од добивката над профитната маржа од 10 отсто.
За возврат, другите земји ќе ги укинат своите еднострани даноци за дигитални услуги на американските технолошки гиганти како Google, Facebook и Amazon. Тоа ќе ги спречи трговските конфликти со Вашингтон, кој тврди дека таквите даноци неправедно ги таргетираат американските компании.