Како е да сте единствен патник во авионот: искуство на фоторепортер на „Ројтерс“


Стјуардеса чека да полета авионот со еден патник на летот од Вашингтон до Њу Орлеанс

Кога фоторепортерот на Ројтерс, Карлос Барија, се качил во петокот на летот на „Американ ерлајнс“ од „Вашингтон Реган“ за Њу Орлеанс, тој бил единствениот патник во авионот со 76 седишта, објави новинската агенција.

„Имаше неколку незгодни моменти“, вели Барија.

На пример, кога службеникот ја најавил формалната процедура за бординг, иако Барија бил единствениот патник за качување во авионот, или кога пилотот се приближил до неговото седиште лично да му објасни дека доцнењето на полетувањето е поради механички проблем, наместо за тоа да извести преку разглас.

Двете стјуардеси го поканиле Барија да седне на седиште во првата класа и ги демонстрирале безбедносните процедури само за него.

Почувствував дека мора да обрнам внимание“, рече тој.

Речиси празните авиони станаа вообичаени за американските авиокомпании и покрај драстичното намалување на бројот на авиони што полетуваат секој ден, како последица на намалувањето на патничкиот сообраќај откако се зголеми бројот на држави зафатени со корона вирусот.

Во петокот групацијата „Американ ерлајнс“ имаше 119 летови од Вашингтон; во осум од нив имаше само по еден патник (вклучувајќи го и фоторепортерот на „Ројтерс“), а повеќето имаа мал број патници, изјави претставник на компанијата за „Ројтерс“. Истиот ден минатата година, „Американ ерлајнс“ од истиот аеродром имаше 254 летови.

Управата за безбедност на превозот на САД (ТСА) во петокот скенираше 129.763 патници наспроти 2,48 милиони истиот ден пред една година, покажуваат дневните податоци што ги обезбедува на својата веб-страница.

Американските авиокомпании кои велат дека секој ден спалуваат готовина, аплицираа за државна помош за да можат да ги исплатат платите и да обезбедат дека ќе имаат на располагање обучен персонал штом се смири здравствената криза и кога ќе се закрепне оваа индустрија.

Стјуардите и стјуардесите продолжуваат да ја вршат работат и покрај тоа што некои велат дека се плашат од зараза со вирусот и дека можат да бидат ризични за нивните семејства.

Една од стјуардесите рекла дека ќе лета од Њу Орлеанс кон нејзиниот роден град Мајами, каде што треба да го однесе татко и на медицински третман за рак, по завршување на нејзината четиридневна ротација која вклучуваше спиење во хотели секоја вечер.

„Нашите избрани функционери сакаат да осигураме безбеден воздушен сообраќај додека трае оваа криза… ние треба да продолжиме да летаме и да ги опслужуваме оние кои треба да патуваат“, рече извршниот директор на „Американ ерлајнс“, Даг Паркер, пишува „Ројтерс“.

Во обид да ги заштитат патниците и екипажот, авиокомпаниите ги намалија услугите за пијалоци и закуска, но ги зголемија процедурите за чистење на кабините и им овозможија на стјуардесите да носат ракавици, иако не им се даваат маски.

До крајот на летот фоторепортерот на „Ројтерс“ се спријателил со екипажот. „Им се заблагодарив за она што го прават, а тие ми се заблагодарија за она што го работам јас“, рече тој. (Ројтерс)