Како ДУИ не испорача гласови за СДСМ
Каде исчезнаа гласовите на ДУИ во вториот круг во Ресен, а уште повеќе во Скопје, каде што требаше да влезат во контото на Петре Шилегов
Овие локални избори како ретко досега се извонреден показател за нестабилноста на гласачкото тело. На многу циклуси наназад на локално или парламентарно гласање се покажувало дека партиите може да ги насочуваат своите гласачи, што во голема мерка и се случувало. Овој пат малку работи се случуваа во таа приказна, барем не кај мејнстрим партиите. И уште дека демократијата фатила подлабоки корени – дека партиите не се сопственици на гласовите.
Веројатно добар образец за тоа се клучните партнери во владата – СДСМ и ДУИ. По првиот круг, откако ДУИ освои околу 105 илјади гласови на советничките листи (а коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива 56 илјади) голем дел од гласачите кои ги поддржуваат интегративците како да рекоа – доволно беше. За Теута Арифи битката за трет градоначалнички мандат во Тетово беше загубена по резултатите од првиот круг, но за некои од кандидатите на СДСМ оваа апатија кај гласачкото тело на ДУИ изгледа дека беше пресудно.
Интересен пример за тоа е Ресен. Таму по првиот круг водеше кандидатот на СДСМ и досегашен градоначалник, Живко Гошаревски со 3.533 гласа. Зад него беше Јован Тозиевски од ВМРО-ДПМНЕ со 3.342. Трет беше Осман Шукриу од ДУИ со 800 гласа. Ако се земе предвид јавно прокламираната изборна соработка меѓу СДСМ и ДУИ би изгледало дека Гошаревски има сигурна победа во вториот круг. Но тој загуби. Успеа да го зголеми салдото за 478 гласа и стигна до 4.011. Но Тозиевски го зголеми бројот на гласовите за 1.006. А бројот на вкупните важечки ливчиња во вториот круг беше поголем за само 284. Општинските стратези во СДСМ веројатно веќе разгледуваат што се случи – дали коалицискиот партнер ДУИ не испорача. Или испорача на друго место.
Изборот за градоначалник на Скопје веројатно е најважниот пример за односот меѓу двата коалициски партнери во владата. Во оние општини каде што немаше гласање за градоначалници во вториот круг Петре Шилегов помина лошо – дури доби и помалку гласови отколку во првиот круг. На пример, во Гази Баба Шилегов во првиот круг освои 8.119 гласови, а во вториот тој број падна на 7.785. Во исто време Данела Арсовска го зголеми својот скор од 14.544 на 18.771. ДУИ на советничката листа имаше 1.440 гласови. Очигледно дека некому не му се излегувало да гласа за Шилегов во вториот круг.
Исто е и во Бутел и во Сарај. Во Бутел, Шилегов доби 6.493 во првиот круг гласа, а Арсовска неколку стотини повеќе – 6.871. ДУИ на советничката листа имаше 2.394 гласа. Во вториот круг бројот на гласовите за Шилегов се намали на 5.800, а на Арсовска се зголеми на 8.377.
И во Сарај е исто – и таму Шилегов има помалку гласови во вториот круг – 7.549, а во првиот за него гласале 8.450 души. Во Сарај и Данела Арсовска доби помалку гласови во вториот круг. Но, Блерим Беџети (ДУИ) за голем триумф во првиот круг за избор на градоначалник доби 10.790 гласови.
Секако, овие бројки се само дел од мозаикот за неуспехот на СДСМ. Но и дел од мозаикот за комплицираните односи во владината коалиција, но и за зголемениот тренд меѓу албанските граѓани дека некоја партија не може лесно да располага со нивните гласови и да ги притисне да излезат на биралиштата. (Н.В.)