Како да се унапреди пазарот на капитал во фокусот на 24. Годишна конференција на Македонската берза

Во период од 26-27 септември 2025 година, во Охрид, Македонската берза АД Скопје ја одржа својата 24-та Годишна конференција, традиционален настан што и оваа година ги обедини преку 250 претставници на финансискиот сектор, котираните компании, регулаторите, институциите и академската заедница.
Во соопштението до медиумите на Македонската берза се посочува дека конференцијата низ годините прерасна во традиционално и најзначајно годишно собирање на финансиската заедница во земјава и регионот. Таа претставува платформа за размена на идеи, искуства и визии за тоа како да се унапреди пазарот на капитал, како да се зголеми неговата улога во економскиот развој и како да се поттикне довербата кај инвеститорите и компаниите.
Конференцијата беше отворена со обраќања на Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза, кој ја нагласи важноста на берзанските конференции како место за размена на знаење и идеи, по што следуваа поздравните говори на Гордана Димитриеска Кочоска, Министер за финансии, и Бујаре Абази, Претседател на Комисија за хартии од вредност.
Во рамки на специјалните говори, Трајко Славески, Гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, зборуваше за предизвиците на монетарната политика во услови на зголемена неизвесност, додека Blaž Brodnjak, Извршен директор на NLB Љубљана, во онлајн излагање зборуваше за потребата од подлабока интеграција на земјите од Југоисточна Европа.
Првиот конференциски ден беше посветен на прашањето за IPO – да се прави или не?. Претставникот на ЕБРД, Attila Toth, ја презентираше поддршката на оваа институција за домашните компании кои сакаат да излезат на берза, а Дарко Перушески, сосопственик и извршен директор на СВОД Мастер АД (Gley), го сподели искуството од нивниот обид за IPO. Дискусијата продолжи на панелот „Некој, на берза…“, каде што своите ставови ги изнесоа Златица Цивкароски од Шпаркасе Банка, Зоран Мартиновски од Prime Blue Institute, адвокатот Кристијан Поленак, Христијан Ковачевски од Унипласт и Ирина Аврамска од Finovate MK, под модераторство на Каролина Каровска Божиноска од Македонска берза. Во овој блок се вклучи и Даме Цветковски, извршен директор на Неотел, кој говореше за развојните перспективи на компанијата во контекст на берзанското финансирање.
Темата потоа се префрли на берзанско-фондовските приказни, каде што преку интервју на бина, новинарот Горан Теменугов од подкастот „Каде се парите?“ разговараше со Иван Штериев за состојбите и предизвиците на Македонска берза. Штериев во рамките на ова интерјву потенцираше дека клучно е пазарот на капитал да се препознае како стратешка определба за целата економија, а не само за оние што работат на пазарот на капитал.
Панелот што следеше, посветен приватните пензиски фондови и можноста да се воведат и мултифондовите, отвори многу прашања за иднината на пензискиот систем и пазарот на капитал. На оваа дискусија учествуваа Горан Мартиноски од КБ Прво пензиско друштво, Maciej Bitner од Варшавската берза и Gordan Šumanović од Raiffeisen mirovinski fondovi – Хрватска, а модератор беше Александра Томиќ од Bloomberg Adria. Во продолжение, Krešo Vugrinčić, извршен директор на Intercapital ETF, зборуваше за улогата на ЕТФ-овите како локален и регионален развоен двигател.
Попладневниот дел од првиот ден започна со видео-обраќање на Blaž Hribar од Pokojninska družba A – Словенија, кој се осврна на идните глобални пазарни трендови. Потоа, Hüseyin Erkan, поранешен директор на Истанбулската берза и Светската федерација на берзи, дискутираше за значењето на малите берзи на пазарите во појавување. Денот заврши со комерцијална презентација на Илијанчо Гаговски, ко-основач на Fledgeworks, кој ја претстави нивната HR платформа.
Вториот ден започна со панелот „Пред и после 2025-та – влијанието на ажурираните стандарди за финансиско известување“, во коорганизација на ИСОС. На оваа тема дебатираа Драган Давитков од PwC, Драган Димитров од БДО Македонија, Горан Тиловски од Македонски Телеком и Коста Костадиновски, основач на Капитал Ассет Менаџмент, а модераторка беше Весна Прентоска, Претседател на Институтот на сметководители и овластени сметководители. Потоа, Филомена Пљаковска Аспровска, претседател на Управен одбор на CaSys, зборуваше за трендовите во дигиталната трансформација.
Агендата продолжи со разговорот „покрај оган“ меѓу Даринка Дамјановиќ, Извршен директор на ЦДХВ, и Даниел Ленардиќ од KPMG Croatia, посветен на стратешките предизвици на Централниот депозитар за хартии од вредност. Конференцијата заврши со панелот „Добри практики за корпоративно управување – норматива v.s. пракса“, на кој учествуваа Орде Ѓорѓиоски од Витаминка АД Прилеп, Горазд Поповски од Стопанска банка Скопје и Тихомир Касапинов од Винарска Визба Тиквеш, под модераторство на Зорица Асенова, Главен правен советник на Македонска берза, се вели во соопштението на Македонската берза.