Како да се стигне до работа: Сообраќаен хаос во Скопје поради блокадите на автобусџиите

Приватните автобуски превозници денеска од шест часот наутро повторно поставија блокади на неколку главни точки во главниот град


Фото: Независен

Сообраќаен хаос и утрово во Скопје. Граѓаните мака мачат да стигнат на своите одредишта на време, поради долгите колони на скопските улици. Во најголема мера тоа се должи на протестот и блокадите на приватните автобусџии, но и на градежните работи кои што се одвиваат на повеќе сообраќајници во исто време.

Приватните автобуски превозници денеска од шест часот наутро повторно поставија блокади на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и Булеварот Илинден околу локацијата на градското Собрание. Тие велат дека овој пат нема да ги тргнат блокадите се до исполнување на нивните барања.

Фото: Независен

Кемал Муриќ од приватниот превозник „Слобода превоз” вели дека нема да се тргнат блокадите додека нема напредок за излез од состојбата.

Фото: Независен

– Како што најавивме денеска автобусите се паркирани и ќе бидат тука се додека нема напредок од состојбава, односно да не викнат на разговори и да се договориме за динамиката за исплата на заостанатиот долг, да продолжат неделните уплати за да можеме да се вклучиме на линија се со цел да не трпат граѓаните, рече Муриќ.

Фото: Б. Грданоски

На прашањето за новиот јавен повик за поединечно аплицирање на возачите, тој рече дека тоа е обид за разбивање на единството на привстните автобуски превозници.

Фото: Б. Грданоски

На протестот со блокадите низ градот Скопје се автобуските превозници од двете компании, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

Фото: Независен